Кучиња скитници тешко повредиле жена во Кичево

Постара жена едвај извлекла жива глава откако на25 септември била нападната од глутница улични кучиња во близина на новата градинка „Олга Мицеска“.  Немилиот настан се случил околу 9 часот утрото. Среќа во целиот настан е што притрчале луѓе од околните куќи и успеале да ја одбранат жената, која повредена била префрлена во медицинскиот центар каде и е укажана прва помош.

Овој и неколку претходни случаи биле пријавени во ОВР Кичево и во Општина Кичево која е надлежна за решавање на проблемот со уличните кучиња.

На луѓето кои го пријавиле случајот во општинскиот инспекторат им бил даден  усмен одговор дека „тие немале што да прават“ и случајот не сакале нити да го евидентираат.

Овој не е единствен случај со кучињата скитници кои се во се’ поголем број. Проблемот е уште повеќе алармантен ако се знае дека кучињата се движат во реони каде играат и деца, како во случајов во близина на детска градинка. Зошто од општината се оглушуваат на реакциите на граѓаните, останува непознато.

Пред неколку месеци повеќе кичевчани реагираа на труење и на домашни кучиња, но од општината кусо им било соопштено доколку се чувствуваат оштетени, правдата да ја побараат на суд.