ИНТЕРЕСНО: Започна да се гради огромна футуристичката кула на Водно, погледнете слики

Агенцијата за електронски комуникации почна изградба на телекомуникациска кула на врвот на Водно со антенски систем за мониторинг и контрола на радиофреквенциите.

Кулата ќе биде висока 155 метри, а вкупната инвестиција изнесува 18 милиони евра, средства на АЕК.

На поставувањето на камен-темелникот денеска на Водно присуствуваа премиерот Никола Груевски, раководството на АЕК, како и претставници од телекомуникациските оператори и радиодифузерите.

Објект како новата телекомуникациска кула што ќе се гради во наредните пет години, според премиерот, не памети поновата историја на Република Македонија.

– Самиот факт што оваа кула ќе биде повеќе од двапати повисока од Милениумскиот крст, двапати повисока од зградата на МТВ, но и повисока од новите висококатници кои се градат во Аеродром, доволно говори за импресивноста на оваа градба. Со височина од 155 метри, со модерен изглед и дизајн, со ротирачки простории какви што се планираат, дефинитивно оваа кула ќе биде највисок објект во цела Македонија, но и нова атракција во главниот град, рече Груевски.

Тој истакна дека покрај својата функција во делот на телекомуникациите, работата на АЕК, радиостаниците, телевизиските и мобилни оператори, Македонската воздухопловна служба, кулата ќе даде дополнителна туристичка атрактивност на планината Водно. Ваквите телекомуникациски кули се симбол на многу познати градови ширум светот, како Виена, Канбера, Токио… и многу други места каде што овие кули се магнет за туристите и посетителите. Со изградбата на телекомуникациската кула на Водно и Скопје ќе добие плус на својата туристичка препознатливост, наведе премиерот Груевски.

Изградбата на објектот, според него, е надоврзување на силната градежна експанзија во изминатите неколку години во Република Македонија.

Директорот на АЕК Роберт Ордановски истакна дека антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите со местоположбата и поставеноста ќе овозможи поквалитетна и посигурна грижа за корисниците на радиофреквенции.

– Тоа ќе придонесе да се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции, а тоа на пример е од особено значење за заштита на воздухопловната радио-навигациска служба, рече Ордановски, додавајќи дека АЕК ќе ја исполни законската обврска за ефикасно управување и мониторинг на радиофреквенцискиот простор.

Клик на сликата за подобра резолуција

Објектот на АЕК ќе биде со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат четири конзолни платформи и челично решеткаст столб, а на врвот ќе има антена. На платформите ќе има канцелариски простор и ќе биде сместена целата опрема.

Изведувач на градежните работи, што ќе траат пет години, е градежното друштво „Гранит“. Вредноста на договорот за градежни работи е 1.084.706.000 денари, финансии на Агенцијата.

Изградбата на антенскиот систем, според Ордановски, е предвидена со Програмата за работа на АЕК од минатата година, што ја одобри републичкото Собрание. Обезбедени се сите потребни дозволи за градба од надлежните општини и од Министерството за транспорт и врски, извршени се статички испитувања, односно исполнети се сите потребни технички параметри. Намерата на АЕК е во иднина врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.

За проектот за антенскиот систем АЕК користеле искуства од државите во регионот.

Exit mobile version