ФОТОГАЛЕРИЈА: Лазарополе, таму најгоре…

Оваа македонска питомина, сместена на 1300 – 1700 метри надморска висина е вистински рај. Лазарополе е уште еден бисер од Мијачијата сместен на малечка висорамнина во пазувите на Бистра. Неговите куќи се вистинска мајсторија, дело на надалеку познатите мијачки мајстори кои од каменот знаеле да направат ремек дело на кое му воздивнуваат генерации. Граделе куќи, цркви, конаци, ѕидишта. Нивниот белег ќе го најдете и надвор од границите на Македонија.

Лазарополе, за жал е раселено село. Но таму речиси постојано доаѓаат туристи. Што на своите викендици, што во убавиот „Калин хотел“. Зимно време патиштата знае да ги покрие снег и по неколку метри, но затоа, на лето селото заживува. Некаде околу Илинден, врвовите на Бистра и Стогово ги тресат зурлите и тапаните на Мајовци. И така секоја година.

Од Кичево, по стариот пат за Дебар, преку Јама, има само 3о-тина километри. Но за жал овој пат е пропаднат па мора да врвиме дупло повеќе, преку Маврово. Додека постоел патот, Лазарополчани често доаѓале во Кичево во чаршијата. И обратно. Забележан е еден податок дека екипата на Напредок одела до Лазарополе да одигра натпревар и се враќале назад. Обнова на стариот пат до Дебар преку Јама е најавен и треба да се изгради. Ако даде Бог тогаш и ова село повторно ќе заживее или барем ќе биде поблиску до светот и сите кои сакаат да го видат. Светот повторно ќе го „открие“ ова село. Дотогаш ќе одиме по постојниот, подолг пат. Но она што го добиваме за поминатиот пат вреди многу повеќе. Посетете го Лазарополе. Фотографиите нека ви помогнат побргу да се одлучите.

ФОТО: МИА