„Пуцко Петрол“ загуби две лиценци

Поради непочитување на проишаните правила, компанијата „Пуцко Петрол“ ги загуби лиценците за трговија со „евросупер“ БС – 95 и „евродизел“, а му останува само лиценцата за точење на екстра-лесно масло за домаќинства, јавува „Дневник“.

Регулаторната комисија за енергетика во петокот одлучи да им ги одземе дозволите на оваа и уште четири компании бидејќи го изигрувале законот, односно незаконски ја вршеле дејноста за која им биле издадени лиценците.

Контролите на Државниот пазарен инспекторат пред шест месеци покажале дека овие увозници на горива наголемо не ги исполнуваат утврдените минимални технички услови. Законски тие мора да ги користат резервоарите согласно со барањата на Законот за енергетиката, што значи дека треба да имаат соодветен пристап, треба да држат петдневни резерви пресметани врз основа на просечната потрошувачка од претходната година и да водат посебна евиденција за трговијата на големо. Многу мал дел од увозниците на нафта тоа го почитувале.

Државниот пазарен инспекторат во двете контроли во распон од шест месеци утврдил дека нафтените компании или не ги користат резервоарите за нафта или немаат оперативни резерви од нафтени деривати за покривање петдневен просечен обем на трговија. Поради тоа, Регулаторната комисија за енергетика поведе постапка за одземање на лиценците на увозниците на нафта на големо и им даде рок од шест месеци да ги отстранат утврдените пропусти во работењето. Меѓутоа, повторната контрола на Државниот пазарен инспекторат покажа дека тие, пак, го изигрувале законот, по што Регулаторната одлучи на пет од нив да им ги одземе лиценците.

Од одземање на лиценцата куртули само нафтената компанија „Игор-С“ од Kичево каде што најверојатно се отстранети неправилностите што ги констатира Државниот пазарен инспекторат пред шест месеци. Одлуките на Регулаторна важат од минатиот петок и веќе се излезени во „Службен весник“.

Exit mobile version