Планинарите на ПСД „Бистра“ го реализираа традиционалниот меморијален марш „Лопушник 2013“

Планинарско – спелеолошкото друштво “БИСТРА“ од Кичево на 16 –ти овој месец по 17-ти пат го реализира меморијалниот марш “ЛОПУШНИК 2013“ во чест на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин чиј што живот згасна на 13 Јуни 1943 година.

Почеток на маршот

На меморијалот, кој годинава се совпаѓа со 70 годишнината од смртта на еден од основоположниците на македонската современа литература, покрај планинарите од друштвото организатор, зедоа учество и над 100 членови на неколку планинарски друштва од Македонија со кои кичевското планинарско друштво има долгогодишна плодна соработка.

Овие вистински вљубеници во природата и височините и почитувачи на ликот и делото на Рацин, својот поход го започнаа во утринските часови од срцето на легендарната и борбена Копачка, – селото Извор. Тие, од првиот до последниот, користејќи ги шумскиот пат и маркираната планинарска патека, преку Долни Лопушник се искачија на 1574 м. надморска висина , поточно на врвот Стог, каде што се наоѓа споменикот на овој македонски поет и револуционер. По краткото задржување на врвот и по заедничката фотографија за спомен, беше посетено и местото на загинувањето на поетот каде што со положување на свежо планинско цвеќе и едноминутно молчење, му беше оддадена должната почит на творецот на антологиската збирка “Бели мугри“.

Врвот „Стог“

По едночасовно задржување на овие светилишта, учесниците на меморијалот повторно се собраа на ливадите на Долни Лопушник, на заеднички ручек односно традиционалното планинарско гравче што го обезбедија планинарите од п.с.д. “БИСТРА“ со логистичка подршка на АРМ.

За одбележување е тоа што на годинешниот меморијал, поминувајќи преку 20 км. планинарски патеки, зедоа учество планинари од повеќе генерации, што секако зборува за интересот за планинарењето во Македонија.  Особено за подвлекување е тоа  што овој пат во редовите на кичевска “БИСТРА“ се најдоа и помлади планинари што во секој случај е добар показател дека ова најстаро кичевско планинарско друштво се подмладува.

Инаку меморијалот помина без никакви проблеми, за што сведочат многуте пофалби од гостите учесници на меморијалот, а едновремено тие изразија подготвеност да учествуваат и на други акции кои ги организираат планинарите од кичевска “БИСТРА“ пропаргирајќи ги природните убавини во кичевскиот крај и пошироко.