Македонците во патописот на баронот Франсоа Де Тот (1770 година)

Франсоа де Тот бил Французин, по потекло од унгарско благородничко семејство кое емигрирало во Франција во 1717 година. Франсоа станал француски генерал по инжинерија и во 1757 година бил пратен во Истанбул каде што останал до 1763 година, кога се вратил во Париз со научен турски јазик. Во 1767 година бил назначен за француски конзул во Крим. Следната година се вратил во Истанбул, каде што од 1768 до 1775 година исполнувал важни воени задачи, ја реорганизирал и модернизирал турската армија, раководел со изградбата на разни утврдувања и други објекти на брегот на Дарданелите против опасноста од ескадрата на рускиот адмирал Орлов во 1770 година. Во 1776 година бил назначен за инспектор на француските трговски претпријатија во турските провинции крај Средоземното Море. По француската револуција во 1790 година емигрирал во Унгарија, каде што и умрел. Пропатувал низ Мала Азија, Европска Турција, Египет, Сирија, Палестина и своите патописни белешки првпат ги објавил во 1784 година, а потоа повеќе пати се препечатувале на француски, англиски, германски и руски јазик, во 2, 3 или четири тома.

Овој патопис го користевме во Националната библиотека во Париз, каде што се чува под сигнатура Ј. 12289-1229, во четири тома и со наслов: „Сеќавањата на баронот Де Тот за Турците и Татарите” објавени во 1784 година во Амстердам. Делот од патописот што овде го даваме земен е од третиот и четвртиот том и гласи:

* * *

Моја прва работа беше да ја израмнам земјата и од неа да ги извлечам потребните материјали за изградба на замоци. Оваа работа можеше да се изврши само со ставање барут во една остра карпа, чијшто квалитет беше главно од порфир. Прибрав и сместив, покрај работните места, 1500 Македонци кои се Оверњани (Оверњ,  француска провинција чии жители се познати како работливи луѓе) на Турција,

Артилериското училиште, топилницата и новите замоци ме принудуваа да поминувам дневно шест милји поради пространството што ги делеше.

Султанот му даде наредба на бостанџибашијата да ме снабди со бродари од Сарајот, кои државната каса беше обврзана многу да ги плати. Од тој момент мојот брод беше засолнет во складот за оружје крај бродот на султанот.

Прва работа на новата леарница беше да се изгради полска артилерија која апсолутно им недостасуваше на Турците, а новиот корпус беше одреден да ја опслужува. Главниот везир во сите писма што ги пишуваше од името на армијата, не престануваше да ја бара оваа помош, а султанот ме беше обврзал да приготвам 50 топа од кои 4 со лафети што требаа да бидат придружувани од 300 суруџии воспитувани во училиштето. Правењето коли беше уште едно зголемување на моите работи. Работата на замоците напредуваше со најголема брзина, со цел да се задоволи нестрпливоста на султанот за да ги види топовските батерии снабдени со нивна артилерија. Со отстранувањето на карпата, камењата остануваа покрај откопот, а порфирот што го содржеа овие карпи, се опираше на најдобро изострените алатки и го отежнуваше сечењето на карпата. Сепак неуморните раце на Македонците ги совладаа овие потешкотии.

И покрај итноста што ја бараше султанот, воведов еден ден одмор и им дозволив на работниците да одат во недела да се рекреираат во соседното село. Оние кои работеа на „Замокот на Европа” ја искористија таа слобода и отидоа да се разонодат во Фанараки. Дваесет и двајца Македонци, секој со пушка на рамо, дојдоа, тука и собрани во една крчма пееја песна за победите на Александар (Македонски). За тоа време еден брод натоварен со муниција за Варна, попречен од ветровите, беше дојден да се закотви под засолништето на една карпа сместена пред селото. Деведесет Турци од овој брод туку што беа зачекориле на копното, кога еден од моите работници ги напушти своите другари и отиде да подиши воздух; се приближил до брегот каде што ги видел новоистоварените вооружени до заби.

Еден од нив горд од бројноста што неговата војска му ја обезбедуваше, се приближил до Македонецот и му удрил шлаканица со сета сила. Овој, без оружје, за да се одмазди за својата навреда и ненавикнат на турскиот јазик, му дал само знак на шампионот кој го нападнал за да го причека бидејќи требало да се врати. Тој се вратил во крчмата, не им рече ни збор на своите другари, си ја зеде пушката, без тие тоа да го забележат, и се врати на брегот каде што Турците се уште се наоѓаа.

Таму го препознал својот противник и покажувајќи му го својот образ му дал знак одново да почне. Но Турчинот кој веќе икал пиштол раце, испукал од непосредна близина, меѓутоа не го погодил Македонецот, а овој за час му ја ставил цевката од пушката на стомакот и пукнал, но и самиот загина од 80 куршуми што ги испукале другите Турци. Ова пукање го привлече вниманието на дваесет и еден Македонец. Видоа дека недостасува еден од нивните другари. Се вооружија, стрчаа на брегот, пристигнувајќи таму го видоа својот другар спружен крај еден Турчин и без распрашување ги нападнаа непријателите, кутнаа деветмина на самото место, а другите ги туркаа кон морето со таква брзина што еден дел избега со чамец, друг дел пливајќи. Така, овие „храбри луѓе” дојдоа до бродот, го пресекоа јажето и се спасија бегајќи во морската шир. Оваа случка беше многу сериозна и не можеше да не ме информираат веднаш. Двајца Македонци беа пратени кај мене и ме известија за ова. Сакајќи да го информирам оној кој ќе го извести за ова везирот, тргнав веднаш кај првиот министер, каде што се јавив како тужител во врска со навредата нанесена на работниците на замоците.

Везирот откако ме ислуша, ми рече непријателски: „Добро  да не стане збор повеќе за ова”. Не знаев дека тој бил веќе известен за оваа сцена, а овој одговор не го сметав за доволен на место прашање и сметав дека треба да инсистирам. Тогаш министерот, принуден да се изјасни, одговори остро: „Што барате вие? Деветмина мохамеданци кутнати на самото место, зар не ви се чини доволен бројот на жртвите за да се одмазди смртта на еден неверник”. Јас тогаш замолчав и му образложив дека сепак треба да се погрижи со најстрогите законски прописи, за да се обезбеди спокојноста на работите.

„Добро, додаде тој, смеејќи се. Со вашите 1500 Македонци, вие би ја освоиле земјата. Вашите начини да се чувате зар вредат павеќе од оние кои јас би можел да ви ги пружам?” Јас тоа го знаев исто како и везирот, но сакав да обезбедам неказнување на своите работници и се повлеков задоволен од мојот приговор.

* * *

Текстот е објавен во првиот Том „Македонија во делата на странските патописци 1371-1777“ од Александар Матковски