ФОТО + ВИДЕО: Малула во пламен, џихадистите киднапираа 12 монахињи

Малула

Малула е историски град во Сирија во кој населението го зборува Арамејскиот јазик, јазикот на кој зборувал Исус Христос. Изобилува со стари цркви и монашки скитови. Местото е заштитено од УНЕСКО како споменик на културата.

Ова, претежно христијанско гратче во понеделникот беше повторно заземено од припадници на Џабхат Ал Нусра, група поврзана со Ал Каеда.

Бунтовниците ги киднапирале 12-те монахињи од Православниот манастир Света Текла и се претпоставува дека ги однеле во градот Јабруд кој е под контрола на опозицијата на чија страна се бори и Ал Нусра.

12 монахињи заедно со игуманијата беа киднапирани од Џабхат Ал-Нусра

Католичкиот намесник на Дамаск, монсињор Марио Зенари за Радио Ватикан изјави дека во манастирот упаднала џихадистичка група и го киднапирала сестринството, вклучувајќи ја и игуменијата на манастирот мајка Пелагија Сајаф.

„Незнам дали се работи за киднапирање или се само присилно иселени од манастирот бидејќи борците сакаат да го контролираат тоа место за понатамошните борби“ рече монсињор Зенари.

„Она што можеме да го направиме во моментов е да се молиме за монахињите и оние кои ги држат во заложништво, добро да ги третираат“

Малула, 1/2 декември 2013

 

Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР ) објави дека Малула е заземен од страна на опозицијата за време на заеднички напад од страна на неколку групи помеѓу кои е и Џабхат Ал-Нусра.

„Жестоки судири се одвиваат на периферијата помеѓу бунтовничките фракции и владините сили“, известуваат од СОХР.

Мајка Февронија Набан, игуменија на блискиот манастир во Саиднаја, рече дека имала телефонски разговор со Сајаф по нивното киднапирање. Монахињата изјавила дека сите сестри биле „добри и безбедни“.

Набхан дополни дека уште три други жени биле киднапирани заедно со 12-те монахињи.

Монсињор Зенари рече дека манастирот бил еден од последните населени згради во Малула.

Судирите кои избувнаа помеѓу владините трупи и опозицијата ги принудија жителите да го напуштат историскиот град кој беше главна туристичка атракција и место за аџилак за христијаните и муслиманите пред избувнувањето на граѓанската војна во 2011 година.

Опозицијата во септември насилно зазеде делови од градот, но се повлече пред нападот на владините сили.

На YouTube се појави видео на кое се гледа пустошењето на Малула

Христијанското население пред војната сочинуваше 10% од населението во Сирија. За време на војната Христијаните се на мета на опозициските исламистички групи кои се борат против секуларната влада во Дамаск.

Сирискиот претседател Башар Ал-Асад со сопругата Асма при нивната посета на манастирот Света Текла заедно со игуманијата Пелагија Сајаф

Цел на опозициските џихадистички групи не се само христијански објекти, туку и исламските. Така на нивна мета се најдоа и најстарата Омајадска џамија во Дамаск од почетокот на 8 век која во саботата беше ракетирана при што загинаа 4 лица, Големата Омајадска Џамија во Алеп и други.

Извори:

-IB Times

-Syrian Perspective

-Syria Report