Колумна: Мето Колоски – Горд сум што имам потекло од Кичево

Пишува: Методија А. Колоски, Претседател на ОМД

Оваа недела е еден од најважните денови за локалното население во Кичево. Како Македонец кој по татко потекнува од овој град, имам аманет од него да му помагам на Кичево и на цела Македонија. Во потрага по подобар живот мојот татко се преселил од Белица во Кичево, па од таму во Скопје, за на крај да дојде во Америка со само неколку долари во џебот. Па така, татко ми и мајка ми Лила го започнале својот заеднички живот во Америка, но никогаш не заборавајќи ја Македонија. Иако јас и сестра ми Џули сме родени во Америка, нашите родители потенцираа дома македонски да се зборува.

Секое лето татко ми не носеше мене и сестра ми во неговото сакано Кичево. Моето прво сеќавање од Кичево е од 1993 година. Да бидам искрен, во почетокот воопшто не ми се допаѓаше Кичево. Можеби затоа што сите мои братучеди беа постари од мене. Но, многу брзо го засакав Кичево, и се почесто доаѓав на посета кај моите роднини. На Илинден, 2 август 2000 година, татко ми почина од рак. Во мене остана неговата љубов кон Македонија и желба да бидам активист за македонските прашања. Денес мојата работа е да градам позитивен имиџ на Македонија ширум светот, и е професија која ја работам со огромна љубов. Се разбира, има и денови кога се прашувам „Зошто си го губам времето со ова?“ Но, доколку имавте прилика да го запознаете татко ми – тогаш знаете зошто.

Во 2001 се случија многу неправди како за Македонците, така и за македонските Албанци. Доколку ОМД постоеше во 2001, можеби проблемите што ги имаме денес би биле значително помали. Низ Тетово и Гостивар се веат албански знамиња, како тоа да е нашата соседна Албанија, а не градовите во кои нашите прадедовци загинаа борејќи се за слободна и незавсина Македонија.

Во Кичево пак, секогаш имало соживот. На Велигден или Божиќ, нашите албански комшии доаѓаа на гости кај нас, а на Рамадан ние одевме кај нив. На пример во манастирот Света Богородица Пречиста во планината над Кичево доаѓаат не само христијани, но и припадници на муслиманската вера. Мојот бербер во Кичево е со турско потекло. Тоа е Кичево кое го памтам, Кичево во кое соживотот владее, а сите се почитуваат едни со други.

Но за жал, некој очигледно сака да го наруши соживотот во Кичево. Пред само неколку недели го видовме кандидатот на ДУИ за градоначалник на Кичево на слика со калашников, и со јавна реторика за голема Албанија. Вчера на Фејсбук страната на ДУИ видовме слика од Али Ахмети, исто така со калашников каде ги повикуваа сите Албанци на митинг во Кичево. Зарем Ви е потребно оружје кога повикувате на митинг?

Кичево е град на територијата на Република Македонија, и таму и ќе остане.  Кичево е град на сите Кичевчани без разлика на нивната етничка или верска припадност, и нема да дозволиме соживотот да се наруши под никоја цена.

Затоа ги повикувам сите Кичевчани во недела да излезат да гласаат за заедничкиот кандидат на ВМРО и СДСМ Благоја Деспотоски.  Изберете соживот во Кичево. Го поздравувам обединувањето на ВМРО и СДСМ, затоа што знаат што е во интерес на Македонија.

Како граѓани на Република Македонија, Ваша демократска должност е во недела да излезете и да гласате. Тоа е Вашата должност кон државата. Како што претседателот Кенеди еднаш изјави „Не прашувај што државата може да направи за тебе, прашај што ти можеш да направиш за својата држава,“ така јас Ве повикувам да го направите вистинскиот избор за Кичево и за Македонија – да одберете соживот за нашата татковина.

А за сите нас вистинската работа почнува во понеделник. Кичево е убав град, но има и многу недостатоци. Кичевчани заслужуваат чист град, со паркови и зеленило, со железничка станица која ќе ги поврзува граѓаните со останатиот дел од земјата и светот. Кога Кичево би бил чист и поврзан со остатокот од државата, домашните и странските инвеститори би биле заинтересирани да инвестираат и да создадат нови работни места. А со подобар економски живот доаѓа и поголем соживот. Нема потреба од калашников, да се фатиме на работа.

Авторот е претседател на Обединетата македонска дијаспора и овии се негови мислења и не на организацијата.

Exit mobile version