Милошоски: Г-ѓа Спираки еве ви неколку предлози за добрососедство

Грчката европратеничка Марија Спираки од редовите на „Нова Демократија“ на премиерот Самарас, зборуваше за добрососедските односи помеѓу нашите две земји, а кои биле нарушувани од наша страна. Госпоѓа Спираки изјави:

– Владата во Скопје е тврдоглава, демонстрира иредентизам со именувањето на аеродромот и автопатот во „Александар Велики“, шири негативна пропаганда за Грција, непопустлива е за решавање на спорот со името, криво ја толкува пресудата од МСП-Хаг, а господинот Милошоски ја испровоцира грчката јавност со веењето на знамето на врвот на Олимп” – рече Спираки.

На тоа и реплицираше пратеникот Антонио Милошоски:

– Почитувана г-ѓа Спираки, бидејќи сте прилично инспирирана на темата добрососедски односи меѓу Грција и Македонија, дозволете да ви дадам неколку предлози за размислување:
Прво – ајде заедно да планинариме на Олимп и заедно да ги развееме и грчкото и македонското знаме. Олимп е прекрасна планина и ако ни се погоди и сончево време, бидете уверена дека ќе уживаме во убавините.
Второ – бидејќи Вие ја толкувате пресудата од Меѓународниот Суд на Правдата, ајде од овде од Европскиот Парламент да апелираме до грчката и македонската влада веднаш и целосно да ја применат пресудата од МСП-Хаг.
Трето – ако сакаме да ги приближиме нашите народи и култури, ајде со дух на добра воља да воведеме изучување на грчкиот и македонскиот јазик во училиштата во пограничните општини во јужниот дел на Р. Македонија и во северниот дел на Грција.
Четврто – ако навистина имаме желба за добрососедски односи и работа во корист на граѓаните, тогаш ајде, по примерот на Бугарија и Србија, да одржиме заедничка грчко-македонска владина седница и да разговараме за заеднички инфраструктурни, енергетски, стопански и образовни проекти!

Не дознавме колку на госпоѓа Спираки и се допаднал предлогот на Милошоски.