Кампања: “Мојата апликација заслужува одговор“

По втор пат оваа година Ротаракт клубот Скопје Центар ја организира кампањата на проектот  “Мојата апликација заслужува одговор”. Водени од искуството на младите, дека во денешно време  се повеќе се соочуваат со проблеми при аплицирање за работни места, Ротаракт клубот Скопје  Центар спроведува кампања која цели кон подигнување на општествената одговорност на  компаниите. Целта на проектот “Мојата апликација заслужува одговор” е да се мотивираат  компаниите да дадат повратен одговор на добиена работна апликација.

Кампањата интензивно се одвива два пати на годишно ниво. Во овој временски период на  приватните компании ќе им биде презентирана и понудена платформата за автоматско одговарање  на добиените апликации која ќе се состои од благодарност за примената апликацијата и  дополнителна информација за процесот на избирање на кандидатите.

Имплементирањето и прифаќањето на овој проект цели кон намалување на неизвесноста на  кандидатот во исчекување, но и истовремена можност кандидатот да аплицира на друг оглас,  доколку добие негативен одговор од првиот работодавец. При применување на ваквиот одговор на  добиена работна апликација, компаниите даваат една позитивна слика која алудира дека секој  апликант и сечијо време е вредно да се удостои со одговор.

Со отпочнувањето на оваа кампања ќе бидат исконтактирани над 150 компании кои имаат  отворени огласи за работни позиции, а Ротаракт клубот Скопје Центар ќе се обиде да влијае на  компаниите да ја зголемат својата општествена одговорност и одговорноста на своите сектори за  човечки ресурси.