Муцка напред, муцка назад (43)

Сведоци сме на генерациски јаз помеѓу нас со оние пред и уште повеќе со овие после нас. Разбирливо, живееме во генетски модификувано, компјутерско време ……. На какви се подсмевања од нашите деца за нашата првобитна неопитност со воведувањето на персоналните сметачи (говориме Македонски нели !), си знае секој за себе !

Нашите предци имале други ориентири, патокази во животот по кои цврсто и непогрешливо се раководеле. Мовта на дрвото е секогаш на север кога одиш во шума, на полна месечина (новина) препорачливо е да се започне градба на куќа или било која значајна работа, во зима кога се гаси денот доколку се забележи црвена светлина кај облаците при залез, сигурно следува промена на времето, ….. итн, итн.

Помеѓу другото, секогаш кога доаѓал автобусот на постојката, многумина од луѓето за правецот на движење, не се ориентирале од местоположбата каде што седел возачот, туку по оној дел од старите автобуси (како во култниот филм „Ко то тамо пева“) каде се наоѓал моторот и кој најмногу ги подсетувал на муцка ……..
Еднаш светскиот шаховски првак Тигран Петросјан (1963 – 1969); изјавил: – „Не е проблемот во еден грешен потег во шахот, туку во цела една погрешна концепција со тој потег која води во пораз“. Ова мое раскажување е доказ дека за нештата да тргнат по зло, се потребни барем два потези.

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Првиот потег како вовед во една животна ситуација …….

Е не било доволно што во тие времиња немало скоро никакви превозни средства за да се стигне до одредена дестинација, па гужви за да се фати место (не седиште, место) во автобусот, неопишани и секогаш проткаени со нервоза, туркања, кавги ….. Кондуктерите и возачите биле битна ролја во животот на еден селанец кој сакал да дојде в град.

Вториот потег кој навестува ……..

Осовременување, се воведуваат автобуси (т.н. тромбуси) со рамен преден и заден дел (наличје на современиве). Доаѓа еден таков за прв пат на селска постојка. Калабалак* кој да влези во автобусот, влегле среќниците, тргнува автобусот и приметна нервоза, нелагодност кај еден од патниците ….. После успешно „фаќање на ориентирот“ на една од тумбите покрај патот, наеднаш паничен извик:

– „Стој, стој в место, не су ја за Кичаа, за Прилеп су

– Па што си се качил во реисов, не глеш дека за Кичаа е

-МУЦКА НАПРЕТ, МУЦКА НАЗАТ кај зна кај ојт да му е .ба“

Калабалак* (како во песна од ЛЕБ и СОЛ ) – од Турскиот јазик = гужва, толпа народ.

раскажано од татко ми

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Exit mobile version