Напредок на тешко гостување кај суперфаворитот Вардар

Исклучителната серија тешки натпревари оваа седмица, екипата на Напредок ја заокружува со гостувањето на Филип Втори, кај актуелниот првак скопски Вардар.

Важноста на бодовите за домашниот состав и лошата форма на Напредок, се објективни околности кои го прават Вардар супер фаворит на овој натпревар.

И покрај овој факт фудбалерите на Напредок имаат обврска, пред најголемиот фудбалски аудиториум во земјава одиграат добар натпревар, и барем донекаде ги оправдаат есенските резултати. Екипата  во полн состав патува за Скопјетака што сино-белите со целокупниот играчки потенцијал, ќе му се спротивстават на актуелниот и најверојатно иден шампион на земјава, Вардар.

-Без никаква дилема Вардар е апсолутен фаворит на овој натпревар, бидејќи само победа домаќинот го води кон зацртаната цел а тоа е титулата државен првак. Нашата серија лоши резултати тешко дека ќе можеме да ја поправиме на ова гостување, но сепак ќе се потрудиме со ангажирана игра да покажеме дека и против најсилните можеме да одиграме рамноправно – рече голманот на Напредок, Горан Пашовски.

Зоран Антоски