Не остана никој ни за да пијам кафе кога ќе се вратам дома

Бевме гимназијалци и имавме соништа. Мегаломански. А какви би биле ако не мегаломански кога си млад?… Нејсе. Во основа сите посакувавме она што сака секој човек. Успешно да завршиме студии, да имаме семејство и дом. Дом тука, каде ќе продолжиме да бидеме тука едни до други и едни за други. Дома, во Кичево.

Тој град кој колку и да го критикувавме, уште во четврток вечер се враќавме од студии дома за да можеме викендот да го фатиме од почеток, па до крај. Да излеземе, да се видиме, да шетаме, да ги изгазиме нашите улици и да се искачиме уште еднаш на Кале, нашиот центар на светот.

Едно е да посакуваш, друго е каде ќе те однесе патеката на животот. Годините врвеа. Секој од нас се соочи со предизвиците кои не беа за деца. Пораснавме. Мојата генерација и немаше многу шанси. Ако не си ги направевме шансите ние самите, друг тешко дека ќе ни ги дадеше. Иако кога ќе седневме на кафе, на излет, на прошетка, во друштво се трудевме да ги потиснеме на момент горчливите предизвици и уште помалкуте излези од нив, бевме повторно оние деца од пред неколку години, животот потоа не потсетуваше дека имаме незавршена работа пред нас. 

И стигнаа и запросувања и свадби, стигнаа и првите дечиња и крштевки. Предизвиците си останаа. Децата бараат леб, а лебот мора да го вадиш некаде. Никој од нас несакаше да замине, ама… Ама во Кичево и толку се можеше. Секој од нас мораше да го побара излезот.

Се раззаминавме по светот, остана да се гледаме само по фејсбук, да се слушаме само по скајп и вајбер и да да се договориме кога ќе се видиме. Па кој до каде е, кој што прави, кој како се снашол. Да имаш пријатели во секоја временска зона… не е интересно. 

Седиме пред некое време со „кичевската дијаспора“ во Скопје. „Дабче“ (оти демек е кичевска вода), муабет, тутун, лаф-муабет, нормално на кичевски. И секој муабет ни е таму, за Кичево. Нормално, сите сме со кичевски лични карти. Уште не не напушта тој фанатичен ентузијазам дека еден ден ќе се вратиме назад, кај што сме посадени. Ниедно сонце не е исто со она таму, и кој ќе рече поинаку – лаже! Јас знам да кажам дека пријателите кои заминаа во Швајцарија и Германија, и почесто доаѓаат од мене во Кичево. А сите исто правиме: на работа – дома, дома – на работа. Тука немаш никој свој (освен своите кичевчани). А и со нив додека се усогласиш кога да се најдеш, поминале месеци.

И ќе дојде тој ден да се вратиш во Кичево. Само ние ја знаеме возбудата кога ја искачуваш Стража и кога оддалеку ќе ја видиш Илиница и Калено. Но реалноста секогаш е се’ посурова кога ќе стигнеш дома. Добар дел од населбата е иселен. Добар дел ми треба да се подзамислам за да ги препознаам оти остареле. И тоа не ми е сеедно, јас ги паметам поинакви и понасмеани. Само домашните секогаш се трудат да се направат дека ништо не се сменило. Без да им кажам, знаат дека ми тежи. 

Порано доаѓав дома и уште невлезен вртев телефони каде ќе се најдеме и што ќе правиме со другарите. Сега нема кому да завртам. Речиси и нема со кого да испијам кафе. Сите заминаа. Никој не остана. И кога треба да се видиме, којзнае кога и дали ќе успееме. Го земам постариот син да го прошетам низ Кичево, градот откаде потекнува. И тој и помалиот се родени во Кичево, во нашата болница. Прво да вдишат кичевски воздух.

Му ја покажувам мојата градинка, го потсетувам на анегдотите на кои се сеќавам (имавме убаво детство), го носам кај моето училиште, на Китино Кале-центарот на светот. И тргнуваме да ги шетаме улиците. Секогаш се повеќе не си го препознавам моето Кичево. Таму каде некогаш се чекавме, игравме, шетавме сега зјаат празни куќи. Луѓето или се отселиле или засекогаш заминале од светов. Добар дел од оние стари и убави куќи, особено во чаршијата се урнати и на нивно место се изградени невкусни грдосии. 

Кичево од моите спомени живее сеуште на тие улици и во секој момент можам да го почувствувам мирисот и времето. Колку и да го бришат и обезличуваат. Дури и ние сме сеуште таму. Дел од нас секогаш ќе остане на калдрмата и ќе не чека да се вратиме. 

Син ми го сака Кичево. И помалиот го сака. Сакаат кога се таму. Иако ретко, толку ни дозволува времето. Можеби поради тоа што јас не го вадам од уста цело време. А јас не го вадам ни од мисла. На момент мислам дека го гледаат онака како што сум им го раскажувал. Времето за да го доживееме е кратко. Одиме дома и правец назад, во „дијаспора“.

Секоја младост е убава. Мислам ако ја имаш како што ја имав јас, знаеш дека си одживеал време за кое вредело да се живее. И дотука е во ред. Не е во ред да не си таму каде природно требало да ти пораснат децата. Зајадливо ни префрлаат – па зошто заминавте? Да скратиме, никој несакал да замине. И товарот од тоа го знае секој кој е сам во туѓата средина каде никој нити го викнал, нити го барал. На ниедно место, 50, 100 или илјадници километри од Кичево.

Оптимизмот не ме напушта. Ама проблемот е што мислам дека нешто не е во ред со мене што сеуште сум оптимист дека ќе се случи чудо. Кој да знае…

Exit mobile version