Нова можност за сопствен бизнис и вработувања, најави Агенцијата за вработување

Вкупно 40 нови бизниси кои ќе овозможат дополнителни 60 вработувања ќе бидат отворени со пренамена на неискористените средства од активните програми и мерки за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ).

Како што рече денеска директорот на Агенцијата Влатко Поповски, средствата ќе бидат пренаменети за мерката Самовработување со грант.

– Сакаме да помогнеме на сите квалитетни бизниси кои аплицираа во апликативниот период и беа предселектирани и селектирани во квалитетни бизниси и се на резервната листа на Агенцијата за финансирање. Во наредниот период ќе ги повикаме да склучат договор за да можат да ја остварат својата идеја, рече Поповски на прес-конференција.

Тој ги повика сите лица на кои Агенцијата не успеа да им помогне годинава, да ја реализираат својата бизнис идеја и да аплицираат повторно во 2015-та. Со тоа, напомена, ќе имаат нова шанса да учествуваат во следниот циклус за самовработување со кредитирање и самовработување со грант и да бидат дел од успешните приказни на Агенцијата.

– Сите што имаат квалитетни бизнис планови во 2015 година не ќе мораат да го минат патот што го минаа оваа година, туку директно ќе можат да учествуваат во вториот дел од самовработување со грант, односно во делот на доработка или изработка на нов бизнис план, истакна Поповски.

Според Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување Скопје, младите во Македонија имаат желба да отворат свој бизнис.

– Од 2007 до 2013 година вкупно се отворени 5.835 бизниси преку мерката самовработување со грантови од кои 1.812 лица се млади претприемачи, рече Алексовска.

Дополнителни вработувања согласно овие измени на Оперативниот план се вкупно 40 нови вработувања, потенцираше Алексовска, односно 40 нови бизниси ќе се овозможи да се отворат од оние лица кои веќе аплицирале во оваа мерка. Тие ќе може да вработат дополнителни 60 лица, односно се овозможени дополнителни 60 вработувања.

– Од овие дополнителни вработувања и отворање дополнителни нови бизниси се избрани лица од Скопје, Куманово, Гостивар, Прилеп и Битола, информира раководителката.

Преку отварањето на овие нови бизниси, подвлече, се мотивираат и отвoраат повеќе занаетчиски дејности.

Exit mobile version