Нова рунда разговори за името во Њујорк

Посредникот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, денеска во Њујорк ќе се сретне со македонскиот претставник амбасадорот Васко Наумовски и со грчкиот дипломат Адамантиос Василакис.

Средбите со претставниците на двете земји ќе се оджат во седиштето на ОН. Нимиц ќе има одделни средби со Наумовски и Василакис, а потоа и заеднички разговори.

Целта на средбите, според најавата од прес-службата на ОН, е да се продолжат напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името.

Во Грција владее целосна незаинтересираност за нова рунда разговори во Њујорк во рамките на процесот за решавање на спорот за името на Македонија, јави дописникот на МИА од  Атина. Вообичаено во деновите пред состаноците со медијаторот Нимиц, во Грција се шпекулира на разни теми, медиумите објавуваат разни „ексклузивни“ информации од „добро упатени извори“. Овој пат никој не објавува ништо.

Последните информации на оваа тема се од пред еден месец, кога и МИА објави дека Скопје и Атина официјално не добиле нов предлог за името од медијаторот Нимиц.

И министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос по вчерашниот состанок на Националниот совет за надворешна политика не кажа ништо ново во врска со преговорите. Тој повтори дека Грција ги почитува процесот и Нимиц, и оти „учествува со добра волја и на конструктивен начин, а истите чекори ги очекува и од другата страна“.

– Нашата позиција е многу јасна и е позиција која е во согласност со меѓународното право, како и со потребата поширокиот регион на Југоисточна Европа да стане регион на стабилност и просперитет, рече Венизелос.

Времената спогодба меѓу Грција и Македонија во членот 11, предвидува експлицитна обврска за Грција да не се противи на пристапувањето или полноправното зачленување на Република Македонија во меѓународни организации под привремената референца „Поранешна југословенска Република Македонија“, како што е предвидено во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на ОН.

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата од декември 2011 година гласи дека Грција ја прекршила Времената спогодба од 1995 година „противејќи се на пристапувањето на Република Македонија во НАТО во периодот пред Самитот на НАТО во Букурешт од 2008 година“.

Сепак, и покрај се, официјална Атина тврди дека нејзиниот став е во согласност со меѓународното право.

Последните разговори за спорот за името се одржаа во Њујорк, за време на септемвриското Генерално собрание на ОН, каде македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се сретна со својот грчки колега Евангелос Венизелос. По оваа средба, Попоски изјави дека кај Грција и понатаму нема интерес за активно да се работи на решавање на спорот.

Медијаторот Нимиц последен пат ги посети Скопје и Атина на крајот на јули, годинава. За време на посетата на Македонија тој експлицитно изјави дека не носи нов предлог за името, туку идеи како да биде надминат.

Новата рунда разговори доаѓа по заинтересираноста на Берлин искажана на конференцијата за Западен Балкан иницирана од германската канцеларка Ангела Меркел за поскоро надминување на спорот.

Exit mobile version