320 набљудувачи на ОБСЕ за локалните избори во Македонија
ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи претстојните локални избори во Македонија со 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи. Бројот на монитори ќе биде ист како и на претходните два изборни циклуса, претседателските и локалните во 2009 и вонредните парламентарни во 2011 година.
Иако се уште не се открива кој ќе биде шеф на набљудувачката мисија, таа со работа во земјава ќе започне в петок.
Портпаролот на ОДИХР, Томас Рајмер за Алфа телевизија изјави дека на бројот на набљудувачи не влијае бојкот на која било политичка партија и оти таа се одредува на неколку начини – според големината на земјата, бројот на местата на кои се смета дека се потребни набљудувачи за изборите да бидат соодветно покриени и да може да се изготви прецизна проценка на тоа што се случува.
– Бројката не е одредена од бројот на кандидати, туку од опсегот на изборите и што се е потребно да се изврши професионално и сеопфатно набљудување, изјави Рајмер.
Одлуката за распоредување на 300 краткорочни набљудувачи е донесена врз основа на анализата на ОДИХР на политичката состојба и законската рамка во земјава, спроведена на крајот од јануари. Во неа се наведува дека политичката состојба е тензична и оти се очекува кампањата повеќе да биде фокусирана на националните отколку на локалните прашања, а тесни изборни борба се очекуваат во Кичево, Скопје, Тетово. Иако неколку претходни изборни циклуси во Македонија неофицијално го носеа префиксот „проблематични“, за Рајмер секој од нив е настан сам за себе. Тој не сакаше да коментира кои се очекувањата на ОДИХР од претстојните избори.
– Целта на мониторинг мисијата е набљудување на специфичните избори сега. Набљудувачките мисии не ги споредуваат моменталните избори со претходните, ниту во таа, ниту во друга земја, вели Рајмер.
Сепак, според оценката на ОДИХР, иако по избороте во 2011 година се имплементирани дел од препораките на ОБСЕ, има уште голем број прашања на кои треба да се внимава на претстојните избори, како што е процедурата на составување на избирачкиот список, изборната кампања и можната злоупотреба на административните капацитети, медиумското покривање на изборите, процедурите за финансирањето на кампањите, но и на механизмот за поднесување приговори.