Осквернавена уште една црква во Дебарско

Непознати сторители деновиве ја осквернавиле црквата „Свети Димитрија“ во дебарското село Броштица.

Вандалскиот чин во полициската станица во Дебар го пријавил намесникот на дебарската парохија, Благоја Спироски. Полициска екипа вчера извршила увид.

– Копано е кај престолот и на уште неколку места во црквата, а ископан е и еден гроб. Бидејќи црквата е новообновена и иконите кои се тука не спаѓаат во вредни икони, најверојатно вандалите барале закопано богатсво. Што всушност нашле не се знае, раскажуваат жители на селото, кои се згрозени од овој чин.

Селската црква е стара неколку века, а обновена е пред неколку години и за неа сега се грижи жител на селото, кој забележал дека во неа влегле непоканети гости.

Во селото Броштица кое е родно место на познатиот македонски интерпретатор на народни песни Кирил Манчевски, некогаш живееле голем број православни семејства, а повеќе нема ни едно. Во него живеат Македонци со муслиманска вероисповед, кои од секогаш живееле во слога со православните и кога тие се отселиле се грижеле за верскиот објект и православните гробишта.

Exit mobile version