Пуштен нов систем за отпепелување во РЕК „Осломеј“

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска официјално го означи почетокот на работењето на новиот транспортен систем за отпепелување во РЕК „Осломеј“ – Кичево.

Станува збор за реализација на еден од највредните инвестициски зафати на АД „Електрани на Македонија“ од областа на екологијата во износ од 4,7 милиони евра, сопствена инвестиција на компанијата.

Првпат од пуштањето на термоелектраната „Осломеј“ во 1980 година со новиот еко-систем за отпепелување трајно ќе се реши проблемот со пепелта што се јавува како нус појава при производство на електрична енергија и ќе се обезбеди чиста животна средина за сите села во близина на термоелектраната.

– Предизвиците од областа на екологијата и создавањето на што поздрава животна средина претставуваат неисцрпна тема и вечен предизвик за сите земји во светот па и за Република Македонија. Дел од проблемите кои се јавуваат во оваа област се поврзани и со процесот на производство на енергија што од своја страна е неопходно за нормално функционирање на индустријата, економијата и општо за секојдневниот живот. Така, скоро сите држави во светот се во постојана потрага по експлоатација на нови енергетски потенцијали, но и во постојана потрага по нови методи и ситеми за што помало загадување при таквите процеси. Здравјето на луѓето е пред се и тука нема дилема, рече премиерот Груевски обраќајки се пред присутните.

Токму во овој дух, истакна премиерот, во изминатиот период се работеше на надминување на еден голем еколошки проблем за целиот овој регион, а тоа е проблемот со пепелта од РЕК „Осломеј“ која со помош на ветерот се разлетуваше во воздухот и ја загадуваше животната средина во целиот регион. Денеска со овој свечен настан со задоволство констатираме дека проблеот е решен, додаде Груевски.

Претседателот на Владата најави дека инвестициите во областа на македонскиот енергетски систем продолжуваат и во иднина, а паралелно со интенциите за пронаоѓање и ставање во функција на сите расположливи ресурси за производство на што е можно повеќе енергија. Како што рече, Владата ќе продолжи со инвестиции за модернизација и ревитализација на веќе постоечките капацитети.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, за функционирање на економијата на една држава од особено значење е постоењето и функционирањето на капацитетите за производство на електрична енергија, но како што потенцираше здравјето на луѓето пред се е најважно.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски рече дека реализацијата на новиот систем е еден од највредните инвестициски зафати на АД „Електрани на Македонија“ од областа на екологијата и инвестиција која значително ќе го подобри квалитетот на животната средина.

– Досегашното депонирање на пепелта се вршеше со технологија на суво отпепелување на депонијата што се наоѓа на ридот над термоелектраната. Денес, со новиот еко-систем транспортот до депонијата во рудникот „Осломеј – Исток“ на растојание од околу четири километри ќе се врши со водено отпепелување, односно со хидрауличен систем ќе се пренесува низ затворен систем на цевки, појасни Чингоски.

Проектот го реализираше компанијата „Енергоинвест“ од Сараево која беше избрана преку транспарентна меѓународна постапка.

Термоелектраната на РЕК „Осломеј“ работи од 1980 година, а нејзината продукција на пепел и згура на годишно ниво изнесува околу 300.000 тони или илјада тони дневно.

Exit mobile version