Отворените терени во Кичево летово останаа во темнина

До лани отворените терени во Кичево беа централно собиралиште за младите кичевчани

За разлика од претходните две лета, кога во овој период од годината блескаа рефлекторите на спортските терени во кругот на поранешниот интернат, а потоа и на кошаркарското игралиште на Правниот факултет во Кичево, годинава за жал овие игралишта останаа во темнина.

Прекрасна беше глетката кога со десетици па и стотици млади на овие терени се рекреираа во вечерните саати, кога температурите за спортување се многу поблагопријатни. Дури беа организирани и турнири во мал фудбал и кошарка, на кои одзивот беше исклучително висок. За жал, барем до сега, спортските терени немаат осветлување, а младите се ускратени за убавата можност да спортуваат под ведро небо. И не само што не светнаа рефлекторите, туку на теренот во интернатот ги нема ни обрачите на кошевите, тревата околу терените не е воопшто покосена, а хигиената е под секое рамниште.

-Иако посакувавме во вечерните часови да играме кошарка , сепак  на отворените терени рефлекторите не работат. Во дилема сме дали летово ќе имаме можност барем една недела да одиграме ноќен баскет-велат младите кошаркари од  КК Кичево.

Зоран Антоски