Откриени два бунари при реконструкцијата на главната улица

Фото: Раде Момироски

ВИДИ: ФОТОГРАФИИ ОД ЕДЕН ОД ОД ОТКРИЕНИТЕ БУНАРИ

Два бунари со чиста вода за пиење се откриени при реконструкцијата на улицата Маршал Тито во Кичево. Првиот бунар е откриен веднаш наспроти црквата Свети Апостоли Петар и Павле, а вториот веднаш до тротоарот пред објектот на поштата. Во една шахта доаѓа чиста питка вода, но не се знае од каде.

Ова е уште едно „очекувано“ откритие, ако се знае дека ова е најстариот дел од градот кој постојано е населен со милениуми. Денешната црква лежи на постара средновековна црква врз која е изградена. Ако се знае дека во кругот на денешната црква некогаш постоеле гробишта, тогаш откриениот бунар е доста стар, можеби и над 1000 години, постар и од првата црква.

Крај поштата опстојувало маало од старо Кичево. Ликот на овој дел од градотденес  е драстично изменет, но до пред 50-60 години ја имал физиономијата која била следена со векови.

Ова е доста интересно откритие и нема да зачуди доколку се открие и нешто повеќе. Улицата која денес се реконструира всушност е прастар пат кој постоел и во антиката, а ги поврзувал Скопје (Скупи), преку Полог (Оенеум, Љешск), преку Маркулија (осломејшко), до Кичево (Ускана, Крчово), па до Охрид (Лихнид) и Битола (Хераклеа Линкестис). Веројатно во римско време (околу 2-3 век) на Китино кале бил обновен каструм (стража) кој датирал од постаро време и го контролирал патот под него. Околу тој пат, денешната улица, се развила мала населба која прераснала во мало градче, денешното Кичево. Има логика тие бунари да датираат од тоа време.

Додека ја реконструираат улицата, во дупките можете да ги погледнете неколкуте слоја кои порано биле на ниво на површината по кои водел патот. Под калдрмисаниот слој постои слој на камења со кои некогаш бил поплочен овој пат.

Exit mobile version