Одржана трибина за загадувањето на Треска и нејзините притоки

Во петокот во просториите на основното училиште „Д-р Владимир Полежиноски“ се одржа трибина на тема: „Деградација на екосистемот на реката Треска и нејзините притоки“. Модератори на трибината беа Миле Алексоски, долгогодишен активист за заштита на живиот свет во кичевските реки,  Маја Лазареска и Силвана Кирова, магистри по Биолошки науки.

На трибината беше уште еднаш прикажана изложбата на фотографии од кичевските реки, некогаш и сега. Се презентираа резултатите од испитувањата на теренот во врска со загаденоста на реките и нивното влијание врз живиот свет. Беше констатирана огромната штета од неодговорното влијание на човечкиот фактор и особено опасноста од целосното исчезнување на ендемичниот вид на речна пастрмка Salmo Macedonicus.

Присутните граѓани и претставници на надлежните институци беа запознаени и со можните решенија за надминување на овој горлив проблем кој сериозно се заканува да влијае и врз здравјето на самите луѓе, во скоро време дислокација на постојната депонија и изградба на нова и современа депонија која не би била штетна за околината и би отворила нови работни места и изградба на пречистителни станици за рециклирање на фекалните води кои, патем речено, се главниот виновник на неколку последователни помори на риби во Велика река (Треска) и притоките.

Акцијата за актуелизирање на овој проблем продолжува со надеж дека нема да биде предоцна.

Exit mobile version