Драма во Кабул: Спасени македонски војници

Вкупно 38 балкански војници од Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина се извлечени од воена база во Кабул со интервенција на хрватските пилоти – пишува хрватски Јутарњи лист.

Иако воздухопловните сили на САД оцениле дека безбедносната ситуација не дозволува летови над Кабул, 18 припадници на хрватската војска во вторникот успеаја да излезат од Кабул и да го напуштат Авганистан.

Хрватските пилоти прифатиле да летаат над Кабул и покрај безбедносниот ризик, а освен своите колеги, спасувале и војници од Македонија. За акцијата која имала степен од висок ризик, бил позајмен авганистански хеликоптер, кој го управувале хрватски пилоти, а американски маринци овозможиле дополнително обезбедување.

Министерство за одбрана: Нашите војници се добри

Според првичните информации, во акцијата биле спасени осуммина инструктори од АРМ. Македонските војници биле дел од тимот инструктори на земјите од Јадранската повелба, кои ги обучуваат авганистанските сили во бази во близина на Кабул. Министерството за одбрана ја потврди информацијата, која ја објави хрватскиот “Јутарњи лист”.

– Станува збор за осум припадници на АРМ, кои биле транспортирани со хеликоптерот, управуван од хрватски пилоти. Тоа се инструктори кои беа во мисија за обука на воената полиција. Сите се живи и здрави, утре треба да пристигнат во Скопје – изјави за „Дневник“ Селвет Барути, портпарол на Министерството за одбрана.
Ситуацијата во Авганистан напната по насилните протести

Освен хрватски и македонски војници, во акцијата имало и војници од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија.

Се почнало откако во вторникот 30 припадници на воената полиција требало да се префрлат во американската воена база Баграм, надвор од главниот град на Авганистан.

Моментално во Авганистан ситуацијата е многу опасна поради бунтовите организирани од локалното население поради филмот „Невиноста на муслиманите“, а припадниците на меѓународните сили, како и нивните бази, се постојана мета на терористички напади, а за тоа е доказ фактот што американските хеликоптери не смеат да полетуваат од базата Баграм.

Но, пилотите од Хрватска биле цврсто решени да избегаат и да ги извлечат своите колеги од Кабул. Префрлувањето во базата Баграм траело вкупно околу 30 минути. Сите војници, вклучувајќи ги и тие од Македонија, се префрлени во транспортен авион и полетале за Киргистан, па од таму во своите родни земји.