Помалку корисници на социјална помош во Кичево

Намален број на корисници на социјална помош  во Кичево во првите седум месеци  од годинава, покажуваат податоците на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.

Според директорот на центарот Дашмир Љимани, тоа покажува дека програмата што ја воведе  ресорното министерство  со добивање податоци за корисниците по електронски пат се покажала како  многу успешна.

– Можам со задоволство  да ви кажам дека  бројот на корисници на социјална помош во Кичево и Кичевско  во споредба со претходните години бележи намалување.  Програмата што ја воведе  министерството а со која потребната документација за апликантите ние како центар ја добиваме по електронски пат   и можните манипулации во голема мерака се намалени, даде резултат. Морам да истакнам дека  имавме и ригорозни контроли, па така само за споредба  лани во ова време имавме  926 корисници, додека годинава таа бројка е намалена на 865, изјави Љимани на средба со новинарите.

Тој апелира до сите семејства  кои се корисници на социјална помош, а имаат ученици во средно образование, да достават потврди со кои ќе се потврди дека децата редовно следат настава. По тој основ независно за колку деца се работи секое семејство добива  1.000 денари по ученик за секој месец. Досега апликации поднеле 185 семејства за своите деца, а рокот за аплицирање е до крајот на овој месец.

Меѓуопштинскиот центар за социјални работи  од годинава  води и евиденција  за семејното насилство. Досега во сите пет општини  кои ги покрива тој центар се регистрирани 20 случаи  на семејно насилство, информира Љимани.