ВИДЕО: Џулијан Асанж во ОН преку видео линк му се потсмеваше на Барак Обама

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж преку видео линк им се обрати на претставници на Обединетите нации и притоа го критикуваше американскиот претседател Барак Обама за давањето поддршка на слободата на говорот на Блискиот исток додека истовремено „го прогонува“ Викиликс заради објавување  на тајните дипломатски депеши.

Асанж,  кој од јуни се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон, му се потсмеваше на Обама на настан на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН, а околу 150 лица ги слушнаа неговите коментари.

Тој истакна дека Обама, кој во вторникот во текот на своето обраќање во ОН се заложи за слободата на говорот во арапските земји, „сторил многу повеќе за криминализацијата на слободата на говорот од кој било американски претседател“.

-Мора да е големо изненадување за египетските тинејџери, кои го измија американскиот солзавец од своите очи (во текот на Арапската пролет) да слушнат дека САД ги поддржуваат промените на Блискиот исток, рече Асанж.

-Време е претседателот Обама да го оддржи својот збор…. и за САД да престанат да го прогонуваат Викиликс, да престанат да ги прогонуваат нашите луѓе и нашите наводни извори, истакна Асанж во видео пораката  на настанот во ОН, што беше организиран од Еквадор.

Еквадор сооопшти дека, доколку е потребно, со години ќе му дава засолниште на Асанж во својата амбасада во Лондон.

-Нема да ја промениме нашата одлука, им изјави на дипломатите и новинарите на настанот во ОН министерот за надворешни работи на Еквадор Рикардо Патино.

На 15 август Еквадор на Асанж му даде политички азил, но британските власти се заканија дека ќе го уапсат доколку исчекори надвор од ова дипломатско претставништво.

Exit mobile version