Струшкиот градоначалник менува имиња на улици

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко повторно ги разбранува страстите кога еднострано почна да ги преименува имињата на улиците со имиња на Албанци кои не се поврзани со македонската историја. Изговорот го пронашол во тоа што со ова „ќе ја покажеле бројноста на албанското население во Струга“, јавува телевизијата Канал 5.  Покрај ова ќе менува имиња и на мостови и на плоштади.

На влезот од селото Шум е поставена табла испишана само на албански јазик. За ова Мерко образложува:

– Треба да се учиме дека секој го почитува своето и ние да го почитуваме мислењето на различните етникуми и соседите. Тоа е едно барање на месното население кое е етничко албанско.

Советниците Македонци се против оваа одлука наградоначалникот, додека советничката од опозициската ДПА даде индиректна поддршка на постапките на градоначалникот.

До Комисијата за преименување на улиците досега биле поднесени само два предлози, а советниците на оваа тема ќе разговараат на некоја од наредните седници.

Струга и Кичево со новата територијална поделба од 2004 година беше предвидено да ги променат општинските граници.  Струга тоа го направи веднаш, додека за Кичево беше одложено до 2013 кога општинските граници ќе се променат согласно законот за териотријалната боделба на Република Македонија.

Со доаѓањето на Рамиз Мерко на градоначалничката позиција Струга повеќе пати беше актуелна по урбаниот хаос, меѓунационални инциденти, самоволие и сквернавење на храмови, како и незаконска узурпација на земјиште за изградба на верски објекти со пари од сомнителни фондови. Особено актуелен беше јануарскиот случај на кој и јавно му кумуваше токму Рамиз Мерко.

Индиректно од неговите постапки почна да се оградува неговата матична партија, додека во повеќе наврати беше критикуван дека разгорува меѓунационална омраза за приватни цели.

Струга е град со долга традиција на добри добрососедски односи помеѓу сите етникуми. И во најтешките времиња Македонците, Албанците, Турците, Власите… срдечно се помагале едни со други и ги поднесувале заедно сите добри и лоши работи кои ги носело времето (повеќе за ова, тука). По територијалната поделба од 2004 и локалните избори од 2005 година таа клима на доверба е сериозно нарушена.

Дали е ова уште еден популистички потег на Мерко пред локалните избори или во прашање е нешто друго, останува да видиме.

Exit mobile version