Ќе се гласа за доверба на владата
Собранието на Република Македонија ја почна 43. седница на која ќе се расправа и ќе се гласа за доверба на Владата, по барање на опозициската СДСМ.
Според постигнатиот договор меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата на координацијата кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, на почетокот на седницата координаторот на пратениците на СДСМ Игор Ивановски ќе има 30-минутно образложение на барањето за гласање доверба на Владата. На неговото образложение не се предвидени реплики.
Потоа ќе дискутираат пратениците, наизменично еден од опозицијата, па еден од владејачкото мнозинство. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути. На секое излагање на пратениците се дозволени по 12 реплики, а право на реплика ќе имаат и министрите.
На крајот од расправата, предвидено за 23:20 часот, пред пратениците ќе се обрати премиерот Никола Груевски, по што ќе се гласа за доверба на Владата.
Барањето за гласање доверба на Владата го поднесе опозицијата поради, како што образложија, „двомесечната фингирана конфронтација меѓу владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со која се загрозуваат меѓуетничките односи и интеграциите на земјата“.
Во случај да и биде изгласана недоверба на Владата, премиерот до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на државата.
Последен пат гласање за доверба на Владата имаше на 7 јуни 2007 година, кога претседател на Парламентот беше Љубиша Георгиевски, а премиер Никола Груевски. Владата тогаш доби доверба од законодавниот дом.