„Словенски ракописи од Македонија” во Кралскиот музеј во Белгија

Во Кралскиот музеј во Мариемонт во Белгија синоќа беше отворена изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-ти до 19-ти век”.

Во присуство на голем број преставници на дипломатскиот кор во Брисел и други почесни гости, Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” со посредство на Валонија Брисел Интернационал ги престави 39-те оригинални ракописи и ракописни црковни книги од 13-ти до 19-ти век, како и копии од 10-ти, 11-ти и 12-ти век, кои претходно биле изнесени од Македонија и се чуваат во музеите во Ватикан и во Санкт Петербург.

Кралскиот музеј Мариемонт во Белгија е со светско реноме и во својата постојана постановка ги преставува оригиналите на богатото книжевно творештво ширум светот. Словенските ракописи претставени на оваа изложба инаку се чуваат во трезорите на академските и на културните институции во Република Македонија, а повеќето се во НУБ „Свети Климент Охридски” во Скопје. Тие се пишувани и илуминирани на пергаментни и хартиени листови од рацете на опитникалиграфи по макеоднски книжевни и скрипторски центри, а се подврзувани ви вкоричувани всо корици обвиткани во орнаментирана кожа. Овие ракописи се сублимат на историските процеси низ кои се развивала македонската писменост, култура и цивилизација и тие имаат исклучителна вредност.

Поздравен говор на отворањето на изложбата имаше македонската министерка за култура, . Таа на почетокот го изрази своето задоволство што белгискиот кралски музеј овозможил да се презентира „прекрасната духовна и материјална вистина за развојот на цивилизацијата на македонското тло”.

– Вечерва пред вас ја потврдуваме историската и суштинската стварност на нашите исклучително вредни ракописи што го посочуваат илјадагодишниот континуитет на писмениот и јазичен развој во Македонија, како дел од цивилизациските текови низ времињата на Балканот и во Европа. Овие ракописи се наш национален културен влог во актуелниот процес на глобализацијата за културно прелевање на народите на “стариот континент” и пошироко, истакна министерката.

Канческа-Милевска посочи дека Република Македонија има длабоки корени во светското културно наследство. – Таа е земја-музеј, земја на археолошки локалитети, цркви и манастири, фрескоживописи, икони, иконостаси, стара архитектура, тврдини, чаршии и многу други движни и недвижни добра од различен вид и период на настанување, посочи министерката за култура.

Во својот говор, таа потсети дека многуслојната културна стратиграфија на Македонија и она што таа и го подарила на Европа и на човековата цивилизација, оставила неброени артефакти изведени во разновидни материјали и облици, карактеристични за одредени историски епохи и цивилизации. Според министерката, културното богатство што го поседува Македонија, од сите историски периоди, навистина е благослов, но и обврска штоо се поставува пред нас со цел да го истражиме, сочуваме и достојно да го презентираме.

– Токму затоа, кутлурното наследство е врвен приоритет на Владата на Република Македонија, бидејќи со негувањето на богатството што го поседуваме на најдостоинствен начин учествуваме во развојот на универзалните цивилизациски вредности и си обезбедуваме неоспорна културна идентификација и почесно место во големото семејство на народите, рече Елизабета Канческа-Милевска.

Министерката за култура истакна и дека Македонија најрепрезентативно го изложува своето културно наследство по престижните музеи и галерии во Европа и светот, истакнувајќи го сопствениот кутлурно-историски идентитет, презентирајќи го како општа цивилизациска придобивка. Таа посочи дека минатата година во Утрехт, Холандија, е презентирана уникатната збирка на ранохристијански теракотни релјефи, иконите од 11-ти век што ја претставуваат византиската култура и целокупното културно богатство на Македонија од четири илјади години пред Христа па се до крајот на 19-тиот век.

– Во Брисел, вечерва Македонија изложува дел од своето сочувано писмено наследство кое е преставено преку словенските ракописи пишувани и илуминирани по макеоднските средновековни книжевни и препишувачки центри од периодот меѓу 13-ти и 19-ти век. Словенската писменост во Македонија се втемелила уште со почетокот на нејзината стандардизација од страна на Светити браќа Кирил и Методиј во втората половина на Деветтиот век, кога истовремено е афирмирана и Третата христијанска јазична култура во Европса, а тоа е словенската. Овие свети браќа го стандардизирале и првиот книжевен старословенски јазик во чија основа влегле македонските словенски говорни елементи. Континуитетот на словенската писменост во Македонија продолжил преку просветителската дејност на Светите Климент и Наум Охридски, основоположниците на Охридската духовна и книжевна школа преку која се пренеле словенските писмени искуства во другите јужнословенски средини, говореше македонската министерка за култура на отворањето на изложбата.

На крајот од својот говор, Канческа-Милевска истакна дека оваа изложба преставува само мал дел од сочуваното словенско ракописно наследство преку кое се потврдува македонската илјадагодишна писмена традиција, се до современите форми на кодификација на македонскиот јазик и на македонското кирилско писмо.

– Иако многу ракописи од нашите простори се наоѓаат надвор од Македонија, тоа не значи дека нашата земја се наоѓа надвор од реалноста. Музеите чуваат, а генерациите паметат. Од срцето на Европската унија, од крвотокот на европската цивилизација, преку изложбата на словенските ракописи од Македонија велике дека Република Македонија и припаѓа на Европа. Присуството на нашата држава во Европа е писмо од сегашноста испратено до иднината, а не до минатото, порача на крајот македонската министерка за култура.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој на секеков начин се обиде да ја опструира и воопшто да спречи да се оствари оваа изложба, исто така беше присутен на отворањето. Во изјава за МИА, тој остана на своите ставови дека се работи за крадење на бугарската историја и дека се работи за бугарски ракописи: – Имам мешани чувства. Се радувам што во Брисел се преставува културно наследство што сега се наоѓа на територијата на денешна Македонија. Но, од друга страна не сум среќен што тоа се преставува необјективно, оти тоа е наше општо културно наследство. Тука гледаме бугарски средновековни книги. Дојдов на изложбата да покажам европски начин на однесување и тоа треба да го правиме и со историските настани и личности што не обединуваат, оти историјата ни е една, изјави Ковачев за МИА, потенцирајќи дека Македонија и Бугарија треба заедно да бидат во Европа и дека лекарството за раните од минатото е европската интеграција.

– Минатото треба да не обединува и коректно, научно базирано на фактите да се претстави. Ова не е 1000-години македонска ракописна традиција. Словенството не обединува, но министерката за култура во говорот кажа дека се работи за македонски ракописи, што не е точно. Таа направи обид да го аргументира сегашниот македонски идентитет со илјадагодишна културна традиција, што не е така. Тоа што Сталин, Тито и Димитров одлучиле да прават македонска нација и идентитет и култура е од ново време, што ние го прифаќаме и признаваме, ламентираше европратеникот Ковачев, кој на прашањето на дописникот на МИА дали се согласува дека бугарската историја настанала од македонската, се збуни и по мала пауза возбудено одговори дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја до почетокот на 20-ти век.

Д-р Михајло Георгиевски, комесар на оваа изложба, посочи дека ракописите претставуваат канонски црковни книги во кои е одразен и македонскиот јазик. Според Георгиевски, ракописите се голема реткост, од 13 до 19 век, како и копии на ркаописи од 10 до 12 век.

– Словенски е поопшт термин. Тука влегуваат и ракописи кои имаат македонска, српска и бугарска редакција. Но, се со белези од македонските говори. Тие се голема драгоценост, голем извор за јазикот и културата има многу записи кои говорат за историјата во Македонија и се сопственост на Република Македонија и најдени се на наша територија и затоа и ги нарекуваме македонски ракописи, рече Георгиевски.

Во врска со провокацијата на Ковачев и неговите обиди да го спречи одржувањето на изложбата и неговото тврдење дека се фалсификува македонската историја преку презентирање на, според него – бугарски ракописи, министерката Канческа-Милевска со одговор дека сето ова јавноста може да го види и се потврдува со факти.

– Ние како држава не би сакале нешто да презентираме, а истото да не е научно докажано и верифицирано. Сите овие ракописи се прикажани во голем број на книги промовирани во Македонија и во странство. Треба да ги негуваме добрососедските односи. А, со Бугарија имаме многу добра и интензивна културна соработка. Имаме размена на изложби, манифестации, па дури и функционира наш Македонски културен центар во Софија. Убедена сум дека и бугарската страна ги негува и треба да ги негува овие односи и култура која преставува идентитет на секоја држава и преку тоа негување да имаме размена на проекти и културни односи, оти сето тоа е дел од светскиот културен мозаик, одговори министерката Канческа-Милевска.

Изложбата во реномираниот музеј ќе трае до 21 октомври и се очекува голем број на лица да го погледнат ова вредно културно и книжевно богатство што за првпат е изнесено од Македонија со цел да го види и светот.

Exit mobile version