Децата без родители ќе добијат бесплатни станови

На вчерашната седница на Владата одлучено е да се превземат мерки во насока на унапредување на животниот стандард на социјално ранливите групи.

Во таа насока, секое дете без родителска грижа кое ќе го напушти домот за згрижување на деца, ќе добие стан од државата.

За ова денеска информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

-Владата одлучи да се задоволат сите потреби на децата без родителска грижа коишто сместени во сместувачките капацитети. Секое дете без родителска грижа коешто го нема решено станбеното прашање, по основ на наследство на пример, ќе добие стан од државата, изјави владиниот портпарол.

За таа цел владата одлучила најмалку 10 отсто од станбените капацитети кои што ги гради Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор да бидат наменети за задоволување на децата без родителска грижа.

-Оваа одлука важи и за оние објекти што во моментов се во изградба, напомена Ѓорѓиев.

Во моментов според податоците од Министерството за труд и социјална политика, во Македонија вкупно 154 деца ги напуштиле сместувачките капацитети и го немаат решено станбеното прашање, а во просек секоја година овие центри ги напуштаат околу 8 до 12 деца.

Со оваа одлука на владата, се очекува до Нова Година да бидат распределени вкупно 20 до 30 станови, а понатамошното распределување ќе се врши во фази, така што во период од една до една и пол година, свој стан ќе добијат и оние деца што веќе ги напуштиле домовите како и оние што допрва ќе ги напуштат.

Понатаму, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор ќе одвојува 10 отсто од идните капацитети кои ќе бидат наменети токму за децата без родителска грижа.

Становите ќе бидат бесплатни и ќе се користат без никакви временски одредби.

Исто така, Владата одлучила и заземала став да се овозможат приоритетни услови за вработување на децата без родителска грижа.

-Во таа насока, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика во период не подолг од еден месец да излезе со модел кој што опфаќа законски измени, кои ќе значат давање на приоритет за вработување на децата без родителска грижа во државната администрација и во јавната администрација и останатите органи на државната управа, но и модел кој што ќе значи поддршка за вработување на децата без родителска грижа во приватниот сектор, рече портпаролот.

Моделот првин треба да биде подготвен во форма на концепт и во форма на законски измени, а потоа ќе биде усвоен од Владата.

Покрај овие две мерки одлучено е и користењето на услугите во библиотеките да бидат бесплатни за припадниците на социјално ранливите групи, со што на овие деца ќе им се овозможи подобар пристап до образование и подобрување на знаењата и вештините.

Exit mobile version