Кичевски одговор до Латас по навредата за Напредок

Драгане,  Напредок има 84-годишна традиција. Нaпредок е симбол за пријателство, лојалност и пожртвуваност. Напредок е институција, Напредок обединува Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми… во него сите се луѓе. Поточно, ретко и кога приметуваме дека некој се разликува по тоа. Обично разликите ги гледаме во способноста кој на кое место најмногу го бива да игра.

Овој клуб има историска димензија, беше едно од оружјата во НОБ против окупаторите и стана легенда сама по себе. Играчите излегоа во партизани, а претходно под превезот на пријателски фудбалски утакмици се среќаваа со истомислениците од другите градови на окупирана Македонија.

Од Напредок се плашат сите клубови во Македонија зошто ги има еден од најквалитетните и најуиграните фудбалери. Напредок им оддолеа на сите политички влијанија, беше достоен во победите и голем во поразите.

Кичевчани се идентификуваат со Напредок, клубот сите ги обединувал и во добро и во лошо. Од клубовите како Напредок и крушевските клубови, и сите такви клубови кои со потценување ги спомнуваш, доаѓале најдобрите играчи кои и го белеле образот на Македонија пред светот. Не играле за пари, играле за образ. Напредок е еден од последните клубови во кои се игра од срце и за публика, а не за пари. Зимно време мрзнат на минус, летно време трчаат додека ги држи силата на +40. За Кичево, за публиката, за Македонија. И така ќе продолжи.

За подетални информации во ТВ Сител работат татко и син, спортски новинари по потекло од Кичево, добро се знаете. Откако ќе ти врзат две-три чврги прашај ги за детали.

PS – Секако нема да се спуштиме на ниското малограѓанско ниво со кое вчера сите нас не потцени. Поправи се и извини се.