Започна масовно апсење на христијаните во Иран

Во тек е голема операција на тајната полиција на Иран за апсење на христијаните. Точната бројка никој не може со сигурност да ја соопшти, но досега се уапсени помеѓу 100 и 400 христијани. Некои од уапсените се поранешни муслимани кои го напуштиле исламот и преминале на христијанство.

-Најмалку 100, но бројката сметаме дека достигнува и до 400 христијани се уапсени во рок од десет дена, вели Фируз Канџани, член на советот на црквата во Иран.

Тој од тајна локација за Бос њуз лајф изјави дека полицијата, којашто тој ја нарекува „иранско Гестапо“, ги прекинуваат богослужбите во Есфехан, Шираз и Техеран.

-Христијаните ги гледаат како најголеми непријатели на државата. Мора многу да се молиме, вели Канџани.

Тој вели дека најмалку пет членови на црквата во Иран се уапсени, вклучувајќи го и Мухамед Роганџир, познат како брат Вахид, којшто водеше една конгрегација од 15 луѓе.

-Загрижени сме и за сестра Роксана Форуги, ова е вторпат да биде уапсена, велат од црквата.

И други христијани се апсени, а дел од нив се Ескандар Резае, Биџан Хаџиџи, Мехди Амеруни и Шахин Лахути.

Христијаните од Иран велат дека ги носат во озлогласениот центар на иранското министерство за разузнавање.

Канџани потврди дека на 11 октомври, седум христијани добиле одложување на казните поради „помагање на националната безбедност“.

Тој рече и дека е загрижен за ситуацијата на христијаните коишто ги носат во затвор.

-Потврдено е дека ги присилуваат да кажат дека повеќе нема да одат во црква, па ги ослободуваат, вели Канџани.

Иранските власти не одговорија на ова прашање.

На 15 октомври ќе се одржи судење на петмина муслимани што се преобратиле во христијанство, а затворени се во затворот Адел-Абад пред осум месеци.

По апсењето, тие се оставени во ќелии заедно со опасни криминалци, под обвинение дека „создавале илегални групи, учествувале во омаловажување на свети исламски лица преку проповедање на христијанство“.

Постојат и загрижености околу здравјето на уапсениот пастор Бехнам Ирани, којшто се соочува со смртна казна поради „богохулство“, односно напуштање на исламот.

Христијаните велат дека се соочуваат со многу здравствени проблеми поради лошиот третман по затворите.

И покрај постојаните прогонства, во Иран има најмалку 100.000 христијани, но постојат индиции дека се многу повеќе.

Извор: Курир