Технома 2012: Преку енергетска ефикасност до заштеда за компаниите

Македонските компании имаат можност да заштедат до 6 милиони евра годишно од сметките за електрична енергија. Тоа им го овозможува поставувањето контактори со кои се елиминира реактивната енергија за која во сметките за потрошена електрична енергија квалификуваните потрошувачи плаќаат од 4 до 6 милиони евра на годишно ниво.

Ова беше истакнато на денешната Конференција за енергетската ефикасност преку компензирање на реактивна енергија, организирана во рамките на ТЕХНОМА од Скопски саем и Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Парите од заштедата, како што истакна Лазар Гечевски, директор на Агенцијата за енергетика,  компаниите можат да ги вложат во енергетска ефикасност.

– Токму индустријата е на првото место според обврските за исполнување на критериумот предвиден во Стратегијата за енергетска ефикасност, Македонија до 2018 година да постигне 9-процентна заштеда на енергија преку подобрување на енергетската ефикасност, рече Гечевски.

Компензацијата на реактивната енергија, нагласи, нуди предности и од технички и од економски аспект, како за потрошувачите  на електрична енергија така и за електро-енергетскиот систем.

– Кај системот предностите се манифестираат преку намалување на струјата во мрежата, намалување на оптоварувањето кај трансформаторите  и на техничките загуби на активна енергија во водовите, намалување на веројатноста од појава на дефекти кај дистрибутивната опрема и продолжување на нејзиниот работен век. Сето тоа значи  зголемена стабилност на електро-енергетската  мрежа и подобрување на квалитетот на испорачана електрична енергија спрема потрошувачите, појасни Гечевски.

Посочи дека компензаторите претставуваат уред со кој се елиминира рекативната енергија која се појавува кај асинхроните мотори во индустријата, додека кај домаќинствата не се мери и не се наплаќа од страна на ЕВН Македонија.

– Сакаме компензатори да се постават во сите мали и големи фирми. Уредот би се поставувал во трансформаторите во трафостаниците. Сега за сега секоја фирма има обврска сама да си купи и вгради, но за трафостаниците кои ги користат домаќинствата би можеле да наложиме со некој подзаконски акт ЕВН да ги вгради, рече Гечевски.

Комерцијалниот директор на „Раде Кончар“ Контактори и Релеи Д.О.О, Ставре Нацкулов истакна дека неговата фирма нуди комплетни  уреди за автоматска компензација на реактивна енергија од сопствено производство.

– Контакторите ги произведуваме веќе долги години, а имаме и кондензатори и регулатори за компензација  на реактивна енергија, кои се виталните елементи кои се вградуваат во уредот, рече Нацкулов.

Цената на уредот за компензација, прецизира, зависи од количината  на реактивна енергија што одредена компанија ја троши и се движи од 500 до 20.000 евра.

– Инвестицијата се враќа за период од осум до 14 месеци во зависност од вградениот уред, рече Нацкулов и додаде дека веќе има солиден број на компании кои вградуваат уреди за компензација на реактивна енергија.