Расте свеста за превенција од гинеколошки заболувања

Од 1 април до 1 септември од страна на матичните гинеколози на домашна адреса биле поканети околу 21.000 жени од кои на превентивен гинеколошки преглед се јавиле 9.000 жени, што е над европскиот просек.

Освен писмено поканетите жени, на гинеколошки преглед се јавиле и поголем број жени кои не добиле покана, но се во предвидената со скрининг возрасна група од 24 до 35 години.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека од почетокот на годината, досега, прегледани се и направени 24.000 цитолошки брисеви (тука влегуваат прегледи на жени повикани од матичниот гинеколог со покана, по телефон или самоиницијативно направиле преглед и се во предвидената возрасна група, како и жени кои се прегледани пред почетокот на скринингот од јануари до март).

Брисевите, како што посочи, се анализирани во сите овластени цитолошки лаборатории кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

– Гледано по региони, најмногу ПАП тестови (една третина) се направени во скопскиот регион – 8.311, на второ место е источниот регион (Берово, Виница, Делчево, Кочани, Штип, Пехчево, Пробиштип)-2.977. Потоа следат пелагонискиот регион (Битола, Демир Хисар, Крушево, Прилеп, Ресен)-2.609, југозападниот регион (Дебар, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Струга, Вевчани)-2.000 и полошкиот регион (Тетово, Гостивар)-824, рече Тодоров.

Тој потенцира дека од вкупниот број прегледани жени, 86 проценти од цитолошките брисеви се со негативни наоди, додека 14 проценти од брисевите се со позитивен наод (околу 3.000 жени).

– Од вкупниот број позитивни случаи, 35 проценти биле со ХПВ инфекција (1.178 жени), останатите 65 проценти се со ЦИН 1, ЦИН 2 (1.362 жени) и ЦИН 3 (41 жена), како и со други абнормалности. За сите жени со позитивни резултати се преземени мерки за дополнително лекување. Кај два пациенти од југоисточниот регион бил откриен рак на грлото на матката во почетна фаза и тие веднаш се упатени на натамошно лекување, истакна Тодоров.

За оваа возрасна група, укажа тој, скринингот продолжува до крајот на годината и во следните две години со него ќе се опфатат и останатите возрасни групи жени.

– Министерството за здравство со цел навремено откривање и лекување на малигните заболувања кои заедно со кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт, презема континуирани активности за зголемување на свесноста кај населението за потребата од превентивни прегледи и здрави стилови на живеење, додаде министерот Тодоров.

Exit mobile version