Чудото во Свети Димитрија продолжува. Светнаа уште две фрески

Според кажувањата на свештениците од црквата, пред дваесетина дена преку ноќ бил исчистен живописот кој се наоѓа пред олтарот на источната страна над прозорците, а по ден-два и тој од спротива, на западната страна. Ова, го констатирале и конзерваторите кои деновиве интензивно работат на испитување на феноменот, пишува весникот „Вечер“.

Двете страни пред олтарот не се исчистени како фреските од претходно, бидејќи немаат светнати златни ореоли и делови на облеката но, патината на нив е сосема отстранета. Ликовите кои претходно беа сосема темни и покриени со темни наслаги под кои контурите на светците само се наѕираат, сега се гледаат јасно.

– Ова е чудо, Божји глас кој опоменува. За мене лично, ова има голема порака особено поради тоа што фреските на Цветници, најпрво почнаа да се чистат од страната на гробот на првиот поглавар на МПЦ г.г. Доситеј. Тој беше вистински испосник, скромен, праведен и олицетворение на гласот Божји. Можеби Бог ни праќа глас дека треба да биде прогласен за светец, кој ќе го знае тоа. Што и да кажам повеќе ќе згрешам, но дури и да се докаже дека станува збор за хемиски процес, тоа сепак треба да се протолкува како Божји знак, како порака, вели за „Вечер“ прота Драги.

Екипа на Националниот конзерваторски центар, пак, повеќе од два месеци работи на анализа и обработка на примероците од исчистените фрески. Од раководството на оваа установа за Вечер изјавија дека со поддршка на Министерството за култура и Управата за културно наследство мострите ќе се обработуваат по сите методи.

– Во моментов е ангажиран еден хемичар-конзерватор којшто ги следи сите промени, а понатаму ќе следи и скенирање на фрескоживописот со најсофистицирана апаратура која е веќе набавена во Управата. Се разбира, не би сакала однапред да давам квалификации за што се работи, оти јас сум научник и за мене се компетентни само резултатите од истражувањата. Чистењето на фреските, сепак, ќе остане загадочно се додека не ги добиеме конечните анализи, вели директорката на Националниот конзерваторски центар, Ема Петрова.

Самочистењето на фреските во црквата “Свети Димитрија” во Скопје почна на празникот Цветници во април годинава.