Напредок гази пред себе

Серијата триумфи екипата на Напредок ја продолжи и овој викенд, кога пред налетот на сино- белите падна и екипата на Тетекс. Мечот имаше две различни полувремиња. Прво полувреме со малку шанси но со два гола во гостинската мрежа и една статива за тетовци, и второ полувреме со десетина прилики за домашниот состав и без ниту еден погодок.

Напредок поведе во осмата минута со голот на Балажи од пенал. На пеналот му претходеше игра со рака на Ѓуровиќ во сопствениот шеснаесетник, по што судијата Јакимоски оправдано покажа на белата точка. Домаќините водството го зголемија во 30 минута, кога Цветаноски по подолго време се запиша во листата на стрелците. Неговиот одмерен и крајно прецизен удар од 20-ина метри, беше неодбранлив за гостинскиот голман Георгиевски. Единствената закана за гостите беше ударот на Ѓуровиќ во дирекот од голот на Напредок во 43 минута. Во второто полувреме бележиме лесна теренска иницијатива на Тетекс и голем број прилики на страната на Напредок.

Во 54 минута Симоноски прекрасно биеше од 20-ина метри во левиот горен агол, но Георгиевски бравурозно одбрани.Четири минути потоа Костенцоски сам пред гостинскиот голман, но бие во неговите нозе. Во 71 минута Симоновски во стопостотна прилика за гол и повторно без реализација. Во 76 минута Костенцоски во втора 100 постотна прилика за себе и повторно гостинскиот голман излезе како победник. Во самиот финиш Цветаноски во гол шанса и кога гостинскиот голман веќе беше совладан, топката од празниот гол ја исфрли Секулоски. За потсетување е што гостите од 75 минута играа со 10 фудбалери, по втората опомена на Ѓуровиќ.

Најзаслужениот за домашната победа Дејан Цветаноски, по натпреварот изјави:

-Ова беше тежок натпревар за нашата екипа, бидејќи гостинот бараше сламка за спас токму против Напредок.Ние навреме го отворивме резултатот, потоа дојде и вториот погодок, по што беше повеќе од извесно дека бодовите остануваат во Кичево.

Ѓорѓе Тодороски-Тетекс:

-Наполно заслужена победа на Напредок.Домаќините за цело време го контролираа натпреварот,побрзо трчаа од моите играчи,добро ги затвораа приодите кон својот гол, а притоа постигнаа и два погодока, што им беше доволно да ги освојат трите бода.

Зоран Антоски

Извор: http://www.sportefe.com.mk

Exit mobile version