Десетини мртви и 6 милиони луѓе без струја. Бурата продолжува да пустоши

Фото: http://www.foxnews.com/

Во разорната бура Сенди која од вчеравечер го пустоши источниот брег на Соединетите Американски Држави засега загинаа најмалку 16 лица. Вести за мртви пристигнуваат од Њу Џерси, Њујорк, Мериленд, Северна Каролина, Западна Вирџинија, Пенсилванија и Конектикат. Најмалку еден загинат има и во Канада. Во моментов Њујорк е погоден од бранови високи 13 метри. Над 6 милиони луѓе останаа без електрична енергија, јавува FoxNews.

Повеќето од жртвите настрадале од паѓање на дрвја. Во Њујорк се поплавени 2 патнички тунели и неколку станици. Делови од Менхетн се под вода. Ројтерс јавува дека поради невремето доцна синоќа дошло до огромна експлозија во една термоцентрала на Менхетн (линк). Приближните пресметки за причинетата штета сеуште се непознати. Се знае дека стотици илјади Њујорчани се останати без електрична енергија.

Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, изјави дека New York University hospital нема струја и градот прави напори да ги евакуира луѓето оттаму. Во тој дел на Њујорк е пријавено поплавување.

Претседателот Барак Обама и многу државни функционери испратија недвосмислени пораки за непречена евакуација на населението, а до оние реони кои нема да бидат евакуирани, луѓето да останат дома и да не се изложуваат на опасност. Во моментов кампањата за претседателските избори е во прекин и сите очи се вперени во регионите каде пустоши бурата „Сенди“.