ВИДЕО: Супер-бурата Сенди во САД однесе 48 жртви и продолжува

Супер-бурата Сенди моментално над источниот брег на САД

Ураганот Сенди до синоќа однесе најмалку 48 жртви во САД, од кои 18 во Њујорк.

Многумина од загинатите животот го загубиле откако биле погодени од искржените дрвја.

Спасувачките екипи продолжуваат да работат. Над осум милиони лица на источниот американски брег немаат електрична енергија. До синоќа беа откажани 18.000 меѓународни и национални летови, а ќе поминат денови пред воздушниот, копнениот и подземниот транспорт, како и електроснабдувањето да се нормализираат.

– Во Њујорк имаме најмалку 18 жртви, изјави на прес-конференција доцна синоќа градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг. Тој истакна дека Сенди се засилил „со историска моќ“ и додаде дека видел сцени на очај, „потсетувајќи на она што го гледавме во Втората светска војна“.

Тој додаде дека њујоршкото метро, со 108-годишна историја, претрпело големи материјални штети. Според градоначалникот, метрото може одново да почне да работи најмалку по пет дена. Блумберг потврди дека берзата на Волстрит денеска ќе биде отворена во 9.30 часот по локално време, но училиштата во Њујорк ќе останат затворени.

Во Њујорк беше откажана големата парада за Ноќта на вештерките поради жртвите и штетите од ураганот Сенди.

За првпат по 39 години парадата е откажана од спасувачките служби на њујоршката ошштина и полицијата, соопштија организаторите на настанот, кој собира десетици илјади маскирани жители на Њујорк. Полицијата соопшти дека главната причина за откажувањето е прекинатото електроснабдување по улиците, каде што беше предвидено да премине парадата.

Во меѓувреме, Управата за аеродроми на Њујорк и Њу Џерси соопшти дека њујоршките меѓународни аеродроми „Џон Кенеди“ и „Њуарк“ ќе ја обноват работата денеска при ограничен режим на летовите, додека „Ла Гвардија“ останува затворен. Трите аеродроми беа затворени поради ураганот Сенди. При нормални услови тие опслужуваат во просек по 300.000 патници на ден.