Рисот сеуште талка по кичевските планини

Македонското еколошко друштво неделава на планината Стогово, повторно залови нова единка од балкански рис, при што успешно му постави GPS околувратник и го ослободи во природа.

Тимот на “МЕД” кој работи на проектот „Статус, екологија и окупираност на територијата на критично загрозениот Балкански рис во Македонија и Албанија“ по две и пол години од заловувањето на првиот рис Марко во Националниот парк Маврово (во март, 2010 година) и 8 месеци од заловувањето на вториот рис Ристе (во март 2012 година), на територијата Лопушник-Кичево, успеа да маркира и трета единка од овој загрозен подвид.

Рисот се фати во кафез-замка поставена во дабова шума на стрмен терен. Станува збор за здрава машка единка, на возраст од 3 до 5 години, со должина на телото 98 см и тежина од 24 килограми. По фаќањето, рисот беше успан и детално измерен, беа земени крв и влакна за генетска анализа, како и поставен GPS околувратник.

Македонското еколошко друштво има одлична соработка со членовите на мониторинг мрежата од кичевскиот регион, што се докажа и овој пат на терен, па целиот потфат беше одлично спроведен согласно временските и теренските услови. По предолг на членовите на мониторнг мрежата, ново-заловениот рис е именуван како Мартин.

Благодарение на GPS и VHS технологијата, Мартин ќе испраќа податоци за тоа каде се движи, кои тимот на МЕД ќе ги искористи за негово следење на теренот. Податоците ќе бидат од извонредно научно значење и ќе се искористат за да се дознае повеќе за биологијата и екологијата на балканскиот рис. Со споредбена анализа на претходно добиените податоци од движењето на веќе заловените рисови Марко и Ристе, ќе се увиди и дали оваа единка зафаќа блиска територија на движење. Сите добиени информации во иднина ќе бидат искористени за изработка на конкретни предлог мерки за заштита на ова животно. Ова е трет рис кому му е поставен GPS околувратник во Македонија.

Тимот на Македонското еколошко друштво, составен од Диме Меловски, Ѓорѓе Иванов, Александар Стојанов, Васко Авукатов и Светлана Пејовиќ, веќе седма година ја спроведува Програмата за закрепнување на балканскиот рис.

Македонско еколошко друштво и членовите на тимот, сметаат дека овој настан и понатаму позитивно ќе влијае на подигнување на јавната свест во однос на заштита на ова критично загрозено животно, особено поради фактот што криволовот сеуште претставува најголема закана за неговиот опстанок, не само во Македонија туку и во регионот.

Извор: Сител