Коста Галиманоски, последниот кичевски казанџија

Казанџиството е пристутно во семејството Галиманоски цели 150 години

Некогаш казанџиите имале работа преку целата година, а сега изработуваат по 3-4 казани годишно и крпат стари казани. Последниот кичевски казанџија се приспособува на пазарот, па се ориентира кон изработка на казани за добивање етерични масла и кон бакрорез.

Шест генерации во семејството на Коста Галиманоски го пренесуваат казанџискиот занает од колено на колено. Полни 150 години неговата лоза ја обезбедувала својата егзистенција од казанџискиот занает, во кој денес бескрајно е заљубен овој мајстор, последниот кичевски казанџија. Тој сѐ уште го негува овој занает и, иако е свесен дека од него не може да се живее, им пркоси на технолошките иновации што го фрлаат казанџиството во заборав.

СИНОТ Е СЕДМА ГЕНЕРАЦИЈА

Галиманоски не е само занаетчија, туку е казанџија со факултетска диплома, што му помага да го дополнува она што претходно го научил од својот татко, дедо и прадедо.

– Уште како дете доаѓав во работилницата на татко ми Зоран да му помагам, бидејќи работа имаше колку сакаш. И така, од ден на ден, и во мене се роди љубовта кон казанџиството. Од почетокот татко ми ме оставаше да подготвувам поситни работи. По неколку години до тој степен го совладав занаетот што повеќе не беше проблем самиот да изработам комплетен казан, довербата на татко ми беше целосна. За моја несреќа, како што јас навлегував во занаетот, така работата во нашата работилница се намалуваше – вели Галиманоски.

Кога тој почнал да го изучува занаетот, во нивната работилница изработувале околу 50 казани за една година и буквално без прекин биле ангажирани. Како што се намалувало селското население, така и порачките се проретчиле до денешните 3-4 казани годишно.

– За изработка на еден казан е потребно време од една недела, па тогаш целата година ни беше преокупирана со производство. Во последниве деценија-две, во најдобрите години, изработувам најмногу 3-4 казани, што е премалку за да се живее од овој занает. Денес работата се базира на крпење на старите казани, изработка на поситни бакарни предмети како котлиња и тепсии – додава Коста, кој се труди занаетот целосно да не згасне и затоа во тајните на казанџиството го упатува и синот Марио, кој има само 10 години.

СЕ ПРИСПОСОБУВА НА ПАЗАРОТ

Кичевскиот казанџија полека се адаптира и на потребите на пазарот. Почнал со изработка на минијатурни казани со зафатнина од само неколку литри. Работи и бакрорез, а има и свои иновации врзани за овој занает.

– Бидејќи порачките за големи казани речиси исчезнаа, одлучив на пазарот да понудам минијатурни казани со зафатнина од само неколку литри, со кои може да се добие првокласен коњак, што е новина на македонскиот пазар. За малите казани не треба ниту дрва ниту друго тврдо гориво, туку само боца со плин и во домашни услови за да се добие најприроден дестилат. Сѐ уште имам порачки на бакарни тави и котли, но во последно време мојата главна ориентација е бакрорезот, така што сѐ повеќе се фокусирам на изработка на слики од бакар – раскажува казанџијата.

Додава дека во скоро време планира своите дела да ги претстави на изложби во Кичево и во Скопје.
– Покрај минијатурните казани, моја иновација е казанот за добивање етерични масла, како и изработката на бакарни крстови. Моите производи се со извонреден квалитет и затоа на своите клиенти им давам гаранција од дури 15 години. Во поново време влегуваме и во автомобилската индустрија, бидејќи изработуваме и делови за коли. Времето бара промени и ние мораме да се адаптираме на барањата на пазарот – завршува единствениот кичевски казанџија, кој е сигурен дека и синот Марио ќе ја продолжи семејната традиција долга век и половина.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија

Exit mobile version