ДПА со поддршка за ДУИ во Кичево, ДУИ по гласовите на иселениците

Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи најави дека ќе го поддржи кандидатот за градоначалник од ДУИ за Кичево. ДПА нема да истакне свој кандидат, ќе одат само со советничка листа брифираат извори во ДПА. Причината за овој потег на ДПА била да не се поделат албанските гласови.

Од ДУИ демантираат дека имало било какви контакти со ДПА по однос на ова прашање. Велат дека се мобилизираат пред локалните избори, а како дел од овие активности се посочува посетата на лидерот Али Ахмети на иселениците.

Албанските медиуми веќе пишуваа дека Ахмети заминува во Швајцарија, Германија, Австрија и Италија за да ја убедува дијаспората на денот на локалните избори да се вратат во Македонија, за да може – со нивните гласови да победи нивниот кандидат.

Поддршката на ДПА може да се смета за мала услуга за партијата на Ахмети бидејќи ДПА во Кичево континурирано остварува слаби резултати. Но токму тие бројки можат да ја одиграат пресудната улога при судир на силите во март 2013 година.

На оваа коелиција се противи, пак, партијата на Руфи Османи. Оттаму велат дека односите помеѓу ДУИ и ДПА се фарса и после ова било јасно дека двете партии по потреба, кога сакаат, ги делат Албанците.

Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сеуште нема конкретен потег околу евентуалното коалицирање во Кичево по најавите за заеднички настап на ДУИ и ДПА.

На последните парламентарни избори заедно освоија околу 16.000 гласови, наспроти 11.800 гласа што ги освоија ДУИ, ДПА и партијата на Руфи Османи НДП.