Напредок ремизираше со Дрита

Дебитантот во прволигашкото друштво екипата на Дрита, ја прекина триумфалната серија на Напредок, откако ремизира со домаќинот играјќи нерешено 1-1.

Како никогаш досега Напредок создаде дузина чисти прилики за гол, но благодарение на одличниот Баснарков и неснаодливоста на домашните напаѓачи резултатот остана 1-1. Во 13 минута Симоновски во шанса но беше фаулиран во гостинскиот казнен простор, сите очекуваа пенал но Ставрев сепак остана нем. Во 18-та минута Петрески се најде во прекрасна прилика, но Баснарков од само 3-4 метри чудесно одбрани. Во 23 минута Клечкароски во одлична прилика, но за малку бие покрај гостинскиот гол. Во 25 минута 0-1 Станкоски. Една подолга акција на гостите по левата страна, проиграа Шакири и Станкоски за на крајот искусниот Станкоски со прецизен удар ја затресе мрежата на Пашовски.

До крајот на полувремето бележиме иницијатива на Напредок но без посериозна прилика за гол. Во второто полувреме вистинска викторија пред голот на гостите, се редат шансите на домаќините но Баснарков брани во стилот на најдобрите светски голмани, а за истакнување е бравурозната одбрана по ударот на Костенцовски во 65-та минута, кога топката сите на стадионот веќе ја видоја во голот на Баснарков , но тој на велемајсотрски начин ја изби топката во корнер.

Потоа следевме промашувања на Симоновски, Симјановски, Цветаноски, Маркоски и кога сите поверуваа дека Напредок е пред пораз, Вренцоски незадржливо се проби по десната страна , во заден час беше срушен во гостинскиот шеснаесетник и тоа беше пенал за Напредок. Балажи беше сигурен егзекутор на најстрогата казна и конечно се затресе мрежата на денес одличниот Баснарков. Гостите во вториот дел со две контри опасно се заканија, но благодарени на пожртвуваните домашни фудбалери, не дојде до зголемување на гостинското водство.

Бочески-Напредок: “Знаевме дека ова ќе биде тежок натпревар за нашата екипа, ние покрај водството на гостите создадовме безброј прилики, но слабата реализација и добриот голман на Дрита, не оставија пократки за два планирани бода. Ако на еден меч се создадат толку стопостотни прилики, а притоа не се искористи ниту една, тогаш и резултатот ќе бидет таков каков што е.”

Андовски-Дрита: ” Ова попладне проследивме одличен фудбалски натпревар со многу шанси на обете страни. И покрај теренската иницијатива на домаќинот, со малку поголема концентрација и ние можевме да славиме на овој натпревар. Сепак ако се се одземе и додаде, се чини нерешениот исход е и најправеден епилог, затоа што на овој меч се беше можно.”

Зоран Антоски

Извор:  http://www.sportefe.com.mk