Низ објективот на кичевскиот фотоклуб „Пиксел“

Кичево отсекогаш имало фотоентузијасти. Постарите се сеќаваат на фотоклубовите (ги викавме фото секции) кои постоеја во основните училишта. Кој процес беше од фотографирање до фотографија… Ограничен филм, хемикалии, фотохартија, подготвување во лабораторија, сушење на жица со штипка… Чувството кога ќе излезе фотографијата е неописливо.

Времињата се променија, технологијата напредуваше. Сега можеш да направиш фотографии колку ти душа сака, не си ограничен со пози. Ако тогаш ни кажеа дека таквото време ќе дојде, првата работа веројатно ќе беше дека тоа е супер, а втората дека можеби ќе се изгуби токму „чувството“ откако ќе се направи. Но, веројатно ќе се излажевме. Чувството од направената (добра) фотографија стана уште подобро. А фотоапаратите се подостапни откога и да е досега. Сепак, фотографијата беше и остана наука која освен „добро око“ бара знаење.

Кога неколку ентузијасти ќе се спојат за да го споделат тоа знаење, веројатно ќе се најдат во муабет па ќе формираат и фотоклуб. Горе-долу тоа е приказната и на кичевскиот фото клуб “Пиксел„. Работат повеќе од една година. Работа со резултати. Иако немаат просторија (а посакуваат и се надеваат дека ќе ја добијат еден убав ден), знаењето го споделуваат на нивната страница на Facebook. Искуства, преводи на туторијали и секако многу, многу… многу фотографии. Финансиите им доаѓаат од сопствениот џеб, сами си ја набавуваат опремата, сами ги организираат турите за фотографирање. Главната цел која ја имаат зацртано од самите почетоци до денес е едукацијана младите луѓе за тоа како треба да изгледа една фотографија. Навидум, лесно но како што е напишано погоре, фотографијата е наука.

Дека нивната работа е на прав пат, зборуваат и освоените 3.то и 7.мо место на натпреварот за портретна фотографија во Белград.

Отворени се за сите нови ентузијасти. Првично, побарајте ги тука: http://www.facebook.com/pixel.klub

Добра работа, ја имате нашата поддршка!