По 3000 евра за ново работно место

Преку обезбедување на поволни кредити наменети за микро и за мали претпријатија, Владата ќе го стимулира отворањето на нови работни места. Огласот кој ќе трае десет дена започнува денеска, а право на учество на огласот имаат микропретпријатија што имаат до 10 вработени и мали претпријатија што имаат до 40 вработени.

За оваа мерка, заедно со претходно објавената мерка за кредитирање за самовработување на невработени лица, како дел од владините мерки за намалување на невработеноста, во оперативен план вкупно се предвидени пет милиони евра на годишно ниво.

За реализација на проектот самовработување со кредитирање, кој исто така го спроведува Владата преку Агенцијата за вработување, предвидени се околу 2,5 милиони евра, кои ќе бидат наменети за отварање на околу 500 бизниси.

За потсетување и со оваа мерка за секое новоотворено работно место за дејности од помал обем предвидени се по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 3 работни места, односно 9.000 евра. За дејности со поголем обем за кредитобарателот 5.000 евра, за најмногу 5 вработени по 3000 евра. Грејс период за враќање на средствата од кредитот е една година, а каматната стапка од 1 отсто на годишно ниво

Од Владата најавуваат дека доколку постои голем интерес за поголем број вработувања што би го надминал овој лимит, ќе се зголеми финансискиот план, во интерес на граѓаните.

Секое ново работно место ќе може да биде финансирано со по три илјади евра, а најмногу ќе може да се финансираат три нови работни места, односно максималниот лимит на средства што ќе може да се добијат е девет илјади евра. Периодот на враќање на средствата е три години, со една година грејс-период и каматна стапка од еден процент, која е најниска во регионот.

-Претпријатијата што ќе аплицираат за овие средства ќе можат да избираат меѓу две опции, и тоа да наведат лице што во евиденцијата на Агенцијата за вработување се води како невработено во период најмалку од три месеци и да се аплицира за добивање средства за вработување на тоа лице или бланко да се поднесе апликацијата до Агенцијата, од каде што по службена должност ќе биде обезбедена листа на луѓе со соодветни квалификации што би можеле да ја извршуваат работната позиција во согласност со барањето на претпријатието – изјави владиниот портпаролот Александар Ѓорѓиев.

Тој истакна дека компаниите што ќе имаат можност да ги искористат овие средства ќе имаат обврска во период од 36 месеци да не го намалат вкупниот број на своите вработени, односно да го задржат лицето што го вработиле, а доколку тоа лице биде отпуштено од работа, ќе треба да вработат друго лице.

Exit mobile version