Почина Нелсон Мандела

Првиот црн јужноафрикански претседател и икона на борбата против апартхејдот, Нелсон Мандела почина синоќа во својот дом во Јоханесбург на 95-годишна возраст.

Тој беше подолго време на интензивна домашна нега поради тешка инфекција на белите дробови, откако претходно помина три месеци на лекување во болница во Преторија.

Мандела ја предводеше мирната транзиција во Јужна Африка со префрлањето на власта од белото малцинство на црнечкото мнозинство во 90-те години на 20-от век, откако претходно во затвор помина 27 години.

Веста за неговата смрт ја објави синоќа јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума, кој во обраќањето преку државната телевизија рече дека Мандела починал мирно. – Нашата држава го загуби својот најголем син, изјави Зума.

Мандела ќе биде погребен со државнички почести наверојатно идната сабота.

По напуштањето на болницата во ретките официјални соопштенија за неговото здравје редовно се посочуваше дека здравствената состојба на Мандела е критична, но стабилна. Вчера првпат една од неговите внуки објави дека состојбата на  нејзиниот дедо е тешка и дека тој практично е „на мртовечка посетела“.

Мандела беше еден од највлијателните светски државници, но по повлекувањето од претседателката функција им ја остави политичката работа на своите наследници, а по 2004 година се повлече од јавниот живот на земјата и мошне ретко се појавуваше во јавноста.

Нелсон Мандела е роден во 1918 година. Како студент по правово 1943 година му се приклучува на Африканскиот национален конгрес (АНЦ). Од тогаш со своите сопартијци ја почнува кампањата против апартхејдот и владеењето на белото малцинство во Јужна Африка. Во 1956 година е прв пат обвинет за предавство, но по четири години судење обвинувањето е повлечено. Во 1962 година е одново уапсен и и осуден на пет години затвор. Две години подоцна, обвинувањето е проширено и за саботажи, по што е осуден на доживотен затвор.

Во 1990 година Мандела беше ослободен, а неговиот АНЦ легализиран. Во 1993 година ја доби Нобеловата награда за мир, а следната година беше избран за првиот црнец претседател на Јужна Африка. На крајот на својот петгодишен мандат во 1999 година се повлече од функцијата и од политиката.

Во годините потоа, Мандела беше вистински амбасадор на новата јужноафриканска реалност, промовирајќи ја земјата низ светот. Тој учествуваше во кампањата против ХИВ/СУДА и за тоа Јужна Африка да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во 2010 година. Како почитуван државник, Мандела се вклучуваше и во мировните процеси  во Конго и Бурунди, но и во другите делови од Африка и од светот.

Луѓето во расно измешаната Јужна Африка велат дека тој ќе остане запаметен како „татко на нацијата“, кој го урна системот на апартхејдот, изведе мирна транзиција, обединувајќи ги црните и белите жители и ја издигна земјата, која се наоѓаше на работ од граѓанска војна.

Exit mobile version