Последен тренинг на ракометарите пред дуелот со Чешка

 

Македонската машка ракометна репрезентација попладнево во Злин ќе го одработи единствениот тренинг пред утрешниот дуел со Чешка, втор во квалификациите за Европското првенство 2016 година што ќе се одржи во Полска.

Во терминот од 13 часот и 30 минути, избраниците на селекторот Ивица Обрван ќе имаат можност да се запознаа со арената „Еуроникс„ (капацитет 2.000), а воедно и да ги направат последните подготовки за утрешниот дуел.

За разлика од натпреварот против Швајцарија во Скопје, во составот на Македонија овој пат на голот ќе биде членот на Металург, Никола Митревски на местото на Петар Ангелов. Во тимот се враќа и искусниот пивот Ванчо Димовски, а за Злин не отпатуваа младите Нелоски и Талески.

Иако во составот на домаќинот ќе недостасуваат неколку стандардни првотимци, меѓу нив и најдобриот Филип Јиха, сепак задачата да се оствари позитивен резултат против Чешка ќе биде дополнително потешка за нашиот национален тим. Имено, црвено-жолтите ќе треба да се борат против традицијата која е н а страна на Чесите кои пред своите симпатизери имаат само еден пораз во изминатите 14 години.

Дуелот Чешка – Македонија ќе се игра во недела од 13.30 часот, а е во рамките од шестата квалификациска група, час подоцна (14.30) Швајцарија ја пречекува Франција.