Ќе се доврши повеќенаменското спортско игралиште
Откако пред две години во кругот на ОУ„ Кузман Јосифоски Питу” во Кичево,почна изградбата на повеќенаменското спортско игралиште, истото до денес не е завршено, а просторот кој од поодамна требаше да биде собиралиште на младите, зарастен во висока трева од која не можат да се видат ни контурите на започнатиот терен.
-Бидејќи на компанијата која започна да го гради повеќенаменското спортско игралиште и беше раскинат договорот, мораше Агенцијата за млади и спорт да одбере нов изведувач ,кој ќе продолжи со изградбата на започнатите објекти. Така што пред две недели бевме информирани дека наскоро ќе продолжи изградбата на повеќенаменското игралиште, и според ветеното треба да очекуваме ,истото да биде ставено во употреба до крајот на оваа календарска година.
Додека изградбата на тениските терени кои требаше да се постават на истиот локалитет, нема да се случи во догледно време, можеби никогаш – информира Дарко Белески, од Општина Кичево.
Додека во некои градови , пред се во Скопје , секојдневно никнуваат вакви игралишта на сите страни, во Кичево не е завршено ни првото.
Текст и фото: Зоран Антоски