„Прегратка на дар“ ги стопли срцата на дечињата од Детското одделение на кичевската болница

Хуманитарната акција „Прегратка на дар“ по втор пат ги израдува децата со играчки во Детското одделение во Општата болница во Кичево

Нашиот сограѓанин и претставник на Алумни асоцијацијата на Иванов Школата за млади лидери, Дејан Илиоски ја посети Градската Болница во Кичево и на децата кои ги дочекаа празниците во болница им подели играчки, сликовници и честитки изработени од нивни врсници од градинките ширум Македонија, вклучително и од градинката „Олга Мицеска“.

Дечињата од градинките веќе трета година по ред преку проектот „Прегратка на дар“ ги радуваат своите врсници за новогодишните празници рачно изработувајќи играчки – прегратки со што учат на хуманост, солидарност и емпатија, што е воедно и главната порака на акцијата – „од децата за децата – грам љубов за тон здравје“.

– Многу ни е драго што имаме можност да подржиме една навистина благородна акција, која ни ги стоплува срцата и создава темел за едно похумано општество во кој идните генерации ќе растат со духот на солидарноста, подготвени да им помогнат на оние на кои им е најпотребно – изјави Илиоски.

Проектот „Прегратка на дар“ е организиран од интернет медиумот „Рингераја“ со генерално покровителство на  „Бимилк“. Во рамките на акцијата беа направени околу 7.500 играчки кои освен на децата во болниците ќе им бидат доделени и на домовите за деца без родители и други институции кои згрижуваат дечиња.

Проектот „Прегратка на дар“ минатата година ја доби Националната награда за најдобра општествена практика за 2012 година од страна на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и ја претставуваше Македонија на „Европскиот систем за наградување на општествена одговорност на претпријатија“ во Брисел. Овој проект исто така е добитник на Европска награда за општествена одговорност која ја доделува Европската Комисија.

Exit mobile version