Тројца крадци од Кичево завршија зад решетки

Поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични  дела „тешка кражба”, Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против Ј.Д.(24) Б.С.(25) и С.С. (26) од Кичево, на кои Истражен судија им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Пријавените, кражбите ги извршиле кон крајот на мај и почетокот на јуни оваа година со што се стекнале со противправна имотна корист од 770.000 денари. По претходен меѓусебен договор на 30/31 мај, Ј.Д. и Б.С. со употреба на тврд предмет и физичка сила насилно отвориле прозорец од приземјето на куќа во селото Шутово. Тука извршиле претурање по покуќнината и алиштата при што пронашле и противправно одзеле околу 20.000 денари, 2.900 евра во разни апоени, златни обетки и гасен пиштол марка „Екол”. Следната ноќ, тројцата пријавени, со употреба на подесен предмет и со физичка сила врз влезната врата успеале да влезат во куќа во Кичево од каде бесправно одзеле пиштол марка „Танфоглио” и рамка со 5 куршуми и помала сума пари. Пријавените ноќта помеѓу 4-ти и 5-ти овој месец во куќа во Кичево низ прозорецот од бањата на приземјето успеале брзо да влезат во внатрешноста на куќа во Кичево од каде одзеле поголема количина злато и мобилни телефони и други предмети, што потоа ги продавале. Парите од продажбата подеднакво ги делеле и ги користеле за свои потреби. Против пријавените лица и претходно се поднесени пријави за слични кривични дела.