Протестот на кичевските гимназијалци заврши мирно, насилниците мора да одговараат

Мирно и достоинствено помина денешниот протест на кичевските гимназијалци. Беа собрани ученици од сите генерации кои уште еднаш ги истакнаа барањата за расчистување на случајот кога тројца македонски ученици биле претепани во вторникот од албански ученици. Мирниот протест се одвиваше под големо полициско обезбедување.

Додека траеше протестот претставници на секој клас и директорот заедно со неколку професори одржаа средба на која беше ветено дека ќе се преземат мерки за поголема безбедност во училиштето, за сите инциденти кои се случуваат се превземени мерки и нема да се дозволи инцидентите да поминат неказнето.

Во интернатот ќе бидат поставени безбедносни камери и рефлектори како би се намалиле вербалните напади помеѓу учениците.

Надлежните побараа да се вратат учениците на настава, да им се даде време за решавање на случајот во најбрз можен рок. Учениците се согласија на предлогот, со надеж дека случајот ќе биде решен.

Од 12 часот заседаваше и телото за безбедност на кој состанок присуствуваа претставници од двете гимназии, педагозите, психолозите и директорите од двете гимназии, професори и претставници од ОБСЕ, МВР, Центарот за меѓуетничка соработка и претставник од општината одговорен во секторот за образование.

Претставниците од гимназијата „Дрита“ изјавија дека се спремни за соработка со одговорните за решавање на случајот со учениците кои што биле нападнати. Биле превземени безбедносни мерки ( поставен е рефлектор на задниот влез и камери) и учениците кои биле нападнати заедно со полициски службеници се обиделе со препознавање да ги посочат напаѓачите, засега познати се само имињата на напаѓачите.

На состанокот присутните ученици посочија дека овој инцидент е врв на се она што претходно се случувало (дофрлања, пцовки..) и дека е време да се преземат поригорозни мерки како би се средиле инцидентите со меѓуетнички карактер.

Претставниците на ОБСЕ изјавија дека и покрај многуте меѓуетнички проекти за безбедност и толеранција во училиштето не требало да се дозволи да се случи ова. Да се проба на мирен начин да се разреши случајот без протести и бојкот.

На состанокот кој траеше час и половина и требаше да се реши проблемот кој настана се одлучи да се одржува редовна настава и заедно сите да соработуваат како би се решил проблемот.

Утре треба да се одржи и состанок на советот на родители од двете гимназии со цел да се дојде до решение на проблемот.