Во понеделник протест пред општина Кичево

Советот на родители чии деца учат во основните училишта „Кузман Јосифоски – Питу“ и „Владимир Полежиноски“ донесе одлука заедно во понеделник да излезат на протест пред општина Кичево. Протестот ќе се одржи во 10 часот. Бараат општината да го реши проблемот и да обезбеди нормално одвивање на наставата за нивните деца.

Родителите се принудени на ваков чекор бидејќи нивните деца со денови мрзнат во незагреани училници, а од пред неколку дена престанаа да посетуваат настава.

– Децата седеа во незагреани простории. Ладно е. Се плашам за нивното здравје. Почнаа да посетуваат скратени часови, за сепак да не губат од наставата. Ама кога видовме дека нема знаци да се реши проблемот решивме да не посетуваат настава, вели еден родител.

Учениците од „Кузман Јосифоски – Питу“ не посетуваат настава веќе една недела, а од вчера на ваков чекор се принудени и учениците од  ОУ„Др. Владимир Полежиноски“ .

– Бараме од општината да обезбеди нормални услови за настава така како што има и во останатите училишта во Кичево. Нека не ги делат децата, сите сме исто. Ова што се прави е срамота – вели друг родител.

Од општината до овој момент нема никаков конкретен одговор, уште помалку решение за проблемот. Нејасно е зошто Општина Кичево која иако добила пари од Министерството за Образование за непречено да обезбеди греење, таа тие пари ги префрлила за плати на лица кои се скоро вработени во други училишта. Во кичевската јавност актуелно е и прашањето зошто токму во овие две училишта во кои наставата се одвива на Македонски јазик нема греење.

Вчера за ова реагираше и пратеникот од КичевоАнтонио Милошоски кој го поика министерството да поведе истрага за тоа како се трошат парите кои првично се наменети за греење на училиштата и најитно да изнајде решение за овој проблем:

– Според информациите кои ги имаме, блок дотациите за основните училишта во Кичево, не се користат наменски и како што треба, и дека дел од тие блок дотации, наместо за греење на училиштата, се користат за исплата на плати на дополнително вработени лица во некои други основни училишта. Сметам дека треба да поведете сметка да се направи една истрага како се трошат блок дотациите и во најитно можно време да се реши овој проблем со немањето на греење во основните училишта „Кузман Јосифоски – Питу“  и „Др. Владимир Полежиноски“  во Кичево и да се излезе во пресрет на учениците  и на наставниот кадар за да ја продолжат школската година.

Наставата во овие училишта се следи на Македонски јазик и истата ја посетуваат 1196 ученици, 736 во „Кузман Јосифоски – Питу“  и 460 во „Др. Владимир Полежиноски“.

Exit mobile version