Напредок првпат поразен во Кичево

Во првиот натпревар од пролетната полусезона, Напредок го доживеа и првиот пораз пред своите гледачи во оваа првенствена сезона. За поразот на Напредок се погрижи традиционално незгодниот ривал скопски Работнички, екипа која во Кичево често знаела да го изненади својот домаќин.

Карактеристично за овој натпревар е што беше сиромашен со зрели прилики за гол и двајцата тренери во мечот влегоа со единствена цел, да ја зачуваат сопствената мрежа. Во таков тон помина првото полувреме каде невидовме ниедна позрела прилика и посериозен удар кон едниот или другиот гол.

Во второто полувреме нешто поинвентивна игра на Напредок, се играше повеќе на половината на Работнички од што се изроди и најубавата шанса за Напредок во 64 минута, кога Симјаноски во слалом ја мина гостинската одбрана прецизно биеше но неговиот удар го скроти гостинскиот голман Зечевиќ. И кога сите поверуваа дека мечот ќе заврши без голови Работнички поведе со 1:0 во 75 минута.. Од четириесетина метри Велкоски нафрли во домашниот шеснаесетник, топката ги мина сите фудбалери и голманот Пашовски и на општо изненадување отседна во домашната мрежа. Од тогаш Напредок со сите сили тргна кон гостинскиот гол, но не создаде посериозна прилика за да ја затресе противничката мрежа. Во самиот финиш од натпреварот 90 мин. по една контра, Велкоски со одмерен удар по втор пат ја смести топката во мрежата на Пашовски и му донесе три големи бода на својот тим. Напредок без вистински напаѓач, тешко создаваше прилики за гол а тоа најдобро се почувствува на денешниот првенствен натпревар со Работнички.

Зоран Антоски

Извор: http://www.sportefe.com.mk/